Свет
28. јуни 2016 - 10:40

Хант: Moжен нов референдум во Велика Британиија

Џереми Хант, актуелниот британски министер за здравство, тврди дека не е исклучено во Велика Британија да се одржи уште еден референдум поврзан со нејзиното членство во ЕУ.

Во писмо објавено во дневниот весник „Дејли Телеграф“, Хант истакнува дека е можен договор, со којшто ЕУ би дозволила Британија целосно и самостојно да ги заштитува и контролира своите граници.

Според британскиот министер, наследникот на премиерот во заминување Дејвид Камерон треба да добие можност да преговара со Брисел пред официјалното известување за напуштање на ЕУ за коешто се предвидува рок од две години. Така, ќе има доволно време Британците да се запознаат со сите подробности околу тој договор.

- Значи, пред часовникот да почне да одбројува, би требало да го привршиме договорот, којшто потоа ќе му го предочиме на британскиот народ, било тоа на нов референдум, или пак, како манифест на Конзерватината партија на нови парламентарни избори, наведе Хант во писмото.