Балкан
12. May 2017 - 9:33

Хан: Жалам што изборите во Албанија ќе се одржат без опозицијата, но тоа е демократски процес

Комесарот за преговори за проширување и соседска политика на Европската унија Јоханес Хан, денеска испрати соопштение по повод претстојните парламентарни избори во Албанија, кои ќе се одржат на 18. јуни, а на кои поради недемократското владеење на премиерот Еди Рама и неговата Социјалистичка партија, нема да учествуваат главните опозициски партии.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во негово директно обраќање до албанскиот народ, комесарот Хан порача дека жали што изборите во Албанија ќе се одржат без опозиција, но изненадувачки за него и за досегашните ставови на Европската комисија, тој порача дека „демократскиот процес мора да продолжи и ако некој одлучи да остане надвор од играта“!

Неговото соопштение, кое повеќе наликува на писмо до граѓаните на Албанија, Јоханес Хан го започнува со: „со голема загриженост ви се обраќам денеска“. Притоа, еврокомесарот забележува дека во текот на изминатите неколку недели биле направени неколку обиди за промовирање дијалог меѓу политичките партии во Албанија, од страна на претставниците од ЕУ, вклучувајќи го и него, како и од страна на другите меѓународни партнери. Тој напоменува дека „внимателно ја ислушавме загриженоста и очекувањата од сите страни при обидот да се олесни решавањето на тековната криза“ и напоменува дека притоа биле понудени голем број на опции, со надеж дека партиите и лидерите ќе држат до својата одговорност за да се најде заедничко решение.

- За жал, тоа не беше случај. Па така, денеска, ние сме во ситуација каде изборниот процес за општите избори на 18 јуни е поставен и изборите ќе се одржат без учество на главните опозициски партии. Ова е намерен избор од страна на сегашната опозиција да не се кандидира за изборите што јас треба тоа да го почитувам, но во исто време длабоко жалам за оваа одлука од демократска гледна точка. Албанците бараат и заслужуваат избори кои обезбедуваат широка политичка понуда и почитување на изборните стандарди. Сепак, демократскиот процес мора да продолжи, дури и ако некој се одлучи да остане надвор - наведува Хан.

Понатаму во неговото соопштение, првиот човек за проширувањето на Унијата наведува дека „демократијата и демократските стандарди нема да бидат запрени со бојкотирање на институциите и демократските избори“. Според Јоханес Хан, изборите ќе се проценуваат врз основа на нивните сопствени заслуги и врз основа на меѓународните стандарди. Притоа, еврокомесарот вели дека според него најкомпетентната европска институција за набљудување на избори, ОДИХР, неодамна ги започнала своите активности за изборно набљудување во Албанија и дека Еврокомисијата „не само што силно го поддржува ОДИХР, туку, исто така, очекува дека сите релевантни институции во Албанија ќе обезбедат целосна соработка и транспарентност кон нивната мисија и во текот на неколкуте недели пред изборите и на самиот ден на изборите“. Според Хан, тоа е во интерес на Албанија и на нејзините власти.

- Затоа, дозволете ми, исто така, да бидам јасен за една работа. Силно ги осудувам соопштенијата со повик за „акции“ што ќе го поткопаат правото на секој граѓанин да гласа и ќе ги нарушат другите основни слободи. Таквите „акции“ не може да бидат оправдани и не се компатибилни со стандардите на Европската унија. Напротив, фундаментална европска вредност е дека политичките идеи и предлози, без разлика дали им се допаѓа или не, ќе може да се разгледуваат во рамките на демократските институции, особено во албанскиот парламент. Ова беше истакнато на сите средби со политичките лидери на вашата земја, од сите страни - додава Хан.

Во овој поглед, Јоханес Хан го посочи фактот што дополнителните избори во градот Каваја не можеа неодамна да се одржат, што според него не е победа за никого. „Тоа е јасна загуба за демократијата!“, вели еврокомесарот за преговори за проширување.

На крајот во соопштението, Јоханес Хан наведува дека има целосна доверба дека луѓето од Албанија ќе бараат од политичките лидери да покажат воздржаност и демократска зрелост што според него се очекува во земја која се стреми да биде членка на ЕУ.

- Да бидеме јасни: лидерите ќе бидат повикани на одговорност ако се обидат да ги попречат легитимните аспирации на албанскиот народ за подобра иднина. ЕУ ќе го следи и мониторира изборниот процес. Па дури и поосновно: ние ќе продолжиме да ве поддржуваме на патот кон членство во Европската унија - завршува Хан.

Како што е познато, еврокомесарот Јоханес Хан, како и Европската комисија, при заканите на македонската опозиција минатата година дека нема да учествува на закажаните избори за 24 април, а потоа и за 5. Јуни, според договорот од Пржино чиј гарантор беше ЕУ, тогаш инсистираа на одложување на изборите со изговор дека „неучеството на опозицијата ги делегитимира изборите„ и дека тоа „го раскопува демократскиот процес во земјата“.