Македонија
19. October 2015 - 11:15

Хан во Скопје ќе бара итен напредок во политичкиот договор

„На пат кон Скопје, ќе се сретнам со сите политички партии за да притиснам за итен напредок на политичкиот договор“, напиша комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, пред денешната посета на Македонија.

Хан денеска доаѓа во Скопје со цел да ги откочи преговорите за имплементирање на политичкиот договор од 2 јуни и 15 јули. Предвидено еврокомесарот да има оделни средби со лидерите политичките партии вклучени во преговорите, а не е исклучен и заеднички состанок.

Како што потврди неговата портпаролка Маја Коцијанчич во изјава за МИА, Европската комисија одблиску го следи развојот на настаните во Република Македонија и бара четирите политички партии да се држат до распоредот во спроведувањето на точките од договорот што донесе крај на политичката криза во земјата.
 
- Можам да потврдам дека комесарот Хан, идната недела, поточно во понеделник ќе отпатува во Скопје за да се сретне со сите засегнати страни. Брисел ја следи ситуацијата одблиску и уште еднаш ќе повториме дека Европската комисија очекува партиите да се држат до распоредот во имплементирањето на точките од договорот од 2 јуни/15 јули, истакна Коцијанчич минатиот петок во изјава за МИА.