Балкан
29. March 2019 - 8:34

Хан: Србија треба да работи на унапредување на владеењето на правото и на демократијата

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа се сретна со европскиот комесар за преговори за проширување Јоханес Хан, со кого разговараше за евроинтеграциите на Србија, за ситуацијата во регионот и за проблемите во дијалогот со Приштина.

Еврокомесар Хан инсистирал да се работи на унапредување на полето на демократијата и на владеењето на правото за благосостојба на општеството и движењето на Србија на нејзиниот европски пат, се наведува во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател.

Вучиќ во разговорот истакнал дека Србија ги почитува највисоките демократски принципи и ќе се однесува во согласност со однесувањето на Германија, Франција и другите земји од Европска Унија, кога станува збор за клучните прашања во областа на владеењето на правото, работата на полицијата и на правосудските органи.

Предвидено е Хан денеска да оствари средба со премиерката Ана Брнабиќ, а подоцна се очекува да присуствува, заедно со Вучиќ, на отворањето на реконструираната средновековна тврдина Голубачки Град.