Македонија
4. May 2016 - 16:04

Хан: Пржинскиот договор има иднина, мора да има кредибилни избори

Договорот од Пржино не е мртов. Еврокомесарот Хан ги охрабрува македонските лидери да најдат решение за одржување избори како единствен начин за излез од политичката криза

Пораката на Хан доаѓа во екот на силната дипломатска офанзива зад затворени врати која ја туркаат амбасадорите на САД и Европската унија. Тие  деновиве одржуваат одвоени средби со партиите од големата четворка на кои треба да се подготви терен за лидерска која би требало да резултира со договор за крај на политичките превирања.

Бејли и Орав веќе се сретнале со Тачи и Заев а во текот на денешниот ден се очекува да остварат средба со Груевски и Ахмети.
За средбата веќе има официјална потврда од ДПА но без детали за тоа што се разговарало со амбасадорите. Информацијата вчера ја потврди и американскиот амбасадор кој од Штип порача дека остануваат во контакт со сите лидери.

Медиумите веќе објавија дека во периодот пред празниците почнале и билатерални средби меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Според неофицијалните информации, уште пред една недела имало средба меѓу Оливер Спасовски и Никола Тодоров, но од партиите не откриваат што се разговарало на неа.

Неофицијално, Груевски и Заев се уште се далеку од договор. Партиски извори велат дека во СДСМ воопшто не се расположени да седнат на преговарачка маса додека е на сила аболицијата и се додека Собранието повторно не се состане и не ги одложи изборите.

Ваквото барање на СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ е спротивно на Уставот а изборите на 5 јуни се единствениот начин за излез од кризата.

Во албанскиот политички блок ДУИ го врши последниот притисок за излез од кризата. Од партијата брифираат дека во случај да не се постигне Договор меѓу Груевски и Заев Ахмети ќе побара враќање на Владата со ВМРО-ДПМНЕ.

На точно еден месец пред стартот изборите, во јавноста кружат неколку можни сценарија во случај на 5 јуни, гласањето да не се одржи.

Во таква ситуација најверојатно е враќање на Владата на Груевски и Ахмети и чекање на редовниот термин во 2018. Второто сценарио е формирање на Влада на широка коалиција со прецизна агенда која исто така би можела да го истера мандатот до крај. Во игра е и опцијата за одложување на изборите за 4 месеци во кои би се задоволиле условите на опозицијата и организирање на избори на средина од есента.

За сите варијанти потребно е повторно свикување на Собранието што значи класично заобиколување на Уставот, позиција со која експертите не веруваат дека ќе се согласи ВМРО-ДПМНЕ.
Конечена разврска се очекува за една недела, на 11 мај, кога истекува последниот рок во кој партиите треба да ги поднесат кандидатските листи.