Македонија
22. February 2018 - 16:13

Хан најави нова препорака за датум за почеток за преговори со ЕУ - деветта препорака за Македонија

 Македонија ќе добие препорака за почеток на преговорите за членство од Европската комисија.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во интервју за германски Ди Велт вели дека во извештајот за напредокот на државите кандидати за членство што ќе се објави на 17 април, ќе се препорача почеток на преговори до крај на летото.

,,Европската комисија наскоро ќе препорача најверојатно до крајот на летото земјите членки да започнат пристапни преговори со Албанија и со Поранешната југословенска Република Македонија. Веруваме дека двете земји изминатиот период направија значајни реформи и затоа се квалификувани за овој чекор‘‘, вели Хан.

За земјава се наведува дека е кандидат за членство уште од 2005-та година, а препораката од Комисијата е неопходна за да можат земјите членки да донесат одлука за отворање преговори.

И премиерот Заев  синоќа во Берлин на дебатата организирана од фондацијата ,,Фридрих Еберт‘‘ порача дека главна амбиција на земјава е во 2018 година да почнат преговорите за членство во ЕУ, и Македонија да стане 30-та членка на НАТО. 

,,Импулсот на ЕУ е изграден. Силно верувам дека Македонија заслужува индивидуална проценка. Ние сме кандидат за ЕУ од 2005 година‘‘, рекол Заев.

Гостите на трибината посебно внимание посветија на делот на позитивен импулс за надминување на долготрајниот спор за името со Грција.

Државниот министер за Европа во германското МНР, Михаел Рот им порача на Македонија и Грција да не поставуваат црвени линии и да направат се за да го решат спорот околу името, предупредувајќи на ризикот од испуштање на моменталната шанса.

,,Мошне сум задоволен од гестовите во рамки на мерките за градење доверба кон земјата, за која сум особено загрижен. Спорот, кој еднаш го нареков провокативен и кој освен Атина и Скопје, никој не го разбира, мора да се реши. И сторивте многу, нешто што не успеаја да го направат претходните влади. И ве молам ова што ќе ви го кажам не сакам да звучи шокантно. Согласно моето досегашно ограничено политичко искуство ви велам: Не ставајте црвени линии! Седнете заедно и разговарајте!‘‘, порача Рот. 

По вчерашната средба на Заев со Меркел, но и телефонскиот разговор на грчкиот премиер со Канцеларката, Ципрас најверојатно утре ќе се сретне со Меркел за Самитот на ЕУ, за лично да се информира за нејзините пораки до Заев за решавање на спорот за името.

Заев, пак уште еднаш упати пораки го Грција дека Македонија нема иредентистички аспирации и тоа преку грчката државната агенција оценувајќи дека Ципрас е искрен и верува дека решението на проблемот со името ќе биде добра разврска за неговата земја.

,,Градењето доверба меѓу двете страни - тоа што го правиме сега - и како ќе им гарантираме и на двете страни дека конечното решение ќе биде засекогаш, дека ќе ги заштити достоинството и идентитетот на двете страни, е најважниот дел од процесот‘‘, рекол Заев за АНА-МПА.