Македонија
14. October 2016 - 15:43

Хан: Кредибилни избори и спроведување на итните реформски приоритети

Важно е изборите да бидат добро подготвени и изведени на начин на кој никој не ќе може да ги критикува. Но, изборите не се се. Тие се темел за враќање на земјата на патот кон евроинтеграциите, но важно е да се работи и на имплементирање на препораките на Прибе, изјави еврокомесарот Јоханес Хан по денешните средби во Скопје.

Изборите, според него, се добар чекор ако бидат исполнети сите услови за кредибилно и слободно гласање. Но, изборите, вели, се само прв чекор. Политичките партии мора да соработуваат за имплементација на итните реформиски приоритети, порача Хан и посочува оти ќе биде воспоставен план со прецизни рокови за следење и поттикнување на процесот на имплементација.

- Изборите се важни, веќе имаме две години на политичка нестабилност. Тоа не беше добро за земјата оти последиците се веќе присутни во однос на економијата. Постојат компликации во регионот, но важно е да се фокусираме на тоа што е потребно, а тоа е да работиме за доброто на граѓаните на оваа земја, рече еврокомесарот Хан.

Тој оцени дека постигнат е извесен напредок во земјата во однос на медиумите и на прочистувањето на Избирачкиот список. Препорача партиите да се усогласат и во однос на прашањето на Шестата изборна единица.

Во однос на Специјалното јавно обвинителство, истакна дека е важно тоа да биде оставено да ја работи својата работа непристрасно и професионално. Важно е, додаде, СЈО да ги искористи сите можности и да се видат резултати од неговото функционирање и да не се злоупотреби неговата  работа.

Еврокомесарот Јоханес Хан во текот денешната посета на Скопје во пресрет на предвремените парламентарни избори, имаше средби со премиерот Емил Димитриев, со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, како и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со претставници на невладиниот сектор.