Македонија
7. јуни 2017 - 14:32

Хан го праќа Прибе и експертска група на ЕК да и помага на новата Влада во напорите за реформи

Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, денеска соопшти дека повторно во Скопје го испраќа пензионираниот експерт за владеење на правото на Европската комисија, Рајнхард Прибе, кој заедно со група на експерти на Комисијата ќе треба да и помагаат на новата Влада на Република Македонија во напорите за реформи.

 
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Хан потврди во соопштение до јавноста дека Еврокомисијата ќе работи одблиску со Владата на Зоран Заев со цел да и помогне во надминување на забележаните негативности во т.н. „извештај на Прибе“ од 2015 година.
 
- Како дел од подготвеноста на ЕУ да работи со и за поддршка на новата влада во нејзините реформски напори, јас повторно испраќам група на независни високи експерти за владеењето на правото, предводени од Рајнхард Прибе, кој е пензиониран директор на Комисијата, а со цел да и помогне и да ја советува новата влада за системското владеење на правото. Оваа група ги вклучува истите високи експерти што го подготвија извештајот со препораки поврзани со пресретнатите комуникации во 2015 година. Нивната работа придонесе за Итните реформски приоритети изготвени од страна на Комисијата, кои беа вклучени и во договорот од Пржино, се вели во соопштението на Хан до јавноста.
 
Еврокомесарот за преговори за проширување додава дека оваа експертска група ќе ја посети Македонија наскоро за да изврши анализа на тековната состојба, а по нивните претходни наоди и препораки за тоа „како да се одговори на загриженоста во врска со системското владеење на правото, каде има назадување во последниве години“.
 
- Исто така, побарав од шефот на Делегацијата на ЕУ да разговара за пошироката поврзаност со реформските приоритети на ЕУ со новата влада, со конкретни резултати и временски рамки, и како ЕУ може да обезбеди помош и совети заедно со овие реформи. Ние сме посветени да работиме со новата влада, како и со опозицијата, во враќањето на земјата назад на нејзиниот пат кон интеграцијата во ЕУ што граѓаните го сакаат и заслужуваат, се додава во соопштението на Јоханес Хан.