Македонија
22. January 2016 - 14:15

Хан доаѓа во Македонија во средината на февруари

Еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан во посета на Македонија ќе дојде во средината на идниот месец.

Од ЕК потврдуваат дека Хан ќе пристигне во Македонија во средината на февруари, со оглед на тоа што на почетокот на идниот месец има густ распоред на посети на земјите од неговиот втор ресор „соседска политика”. 
 
- Ние многу ги поздравуваме првите чекори преземени од страна на опозицијата да останат посветени. Сериозни напори, исто така, брзо мора да се направат од страна на владините партии за избирачкиот список, Државната изборна комисија и реформите во медиумите. Конструктивна соработка на сите страни е единствениот пат за напред и за да се обезбедат фер и демократски избори. Работата сега мора да се забрза. Јас ќе се вратам во Скопје во средината на февруари да го разгледам напредокот во подготовките за изборите, заедно со Државната изборна комисија (ДИК) и меѓународната заедница, порача Хан во пишаното соопштение испратено синоќа.
 
Токму за последната реченица од соопштението на еврокомесарот за преговори за проширување дека при неговата посета на Македонија ќе го разгледа напредокот „заедно со Државната изборна комисија и меѓународната заедница”, од официјален Брисел потврдуваат дека може да значи дека е можно тој и воопшто да не се сретне со некој од четворицата политички лидери Никола Груевски, Али Ахмети, Зоран Заев и Мендух Тачи, што не беше случај изминатиот период од неговиот речиси двегодишен мандат на позицијата на која го наследи чехот Штефан Филе кога ја посетуваше Македонија.
 
- Да, можно е Хан да не се сретне со ниту еден од лидерите, потврдуваат од Европската комисија.
 
Со оглед на тоа што претстојната посета на Хан се најавува дека ќе биде техничка, за да види до каде се подготовките за одржување на предвремните парламентарни избори на 24 април, покрај со ДИК, австрискиот еврокомесар се очекува да се сретне и со претставници на ОБСЕ/ОДИХР, но и со претставници на невладини организации и други јавни институции поврзани со организација на изборите.
 

Претходно, комесарот Јоханес Хан го поздрави и официјалното закажување на изборите за 24 април, што е според договорот од Пржино на кој покрај ВМРО-ДПМЕН, СДСМ, ДУИ и ДПА, каде токму еврокомесарот за преговори за проширување беше гарантор и затоа тој инсистира истиот овој договор што ја извлече Република Македонија од политичката криза, да биде спроведен до крај.

 
Вчера некои од медиумите јавија дека Хан ќе ја посети Македонија на 2 февруари. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, погрешно протолкуваната објава на социјалната мрежа „Твитер” предизвикало да се разбере во текот на вчерашниот ден дека еврокомесарот за преговори за проширување ќе дојде во Скопје на вториот ден од следниот месец. Но, од Европската комисија потврдуваат дека тоа нема да биде случај и дека посетата на Хан на Македонија ќе се случи некаде во средината на февруари.
 
- Постирањето на една вест на „Твитер” е ограничено на 140 букви и затоа бројот „2” се става наместо „то” што на англиски значи „да” и бројот 4 наместо „for“ („за” на македонски) со цел да се заштеди на место. Затоа, пораката на комесарот Хан треба да се разбере дека тој доаѓа во февруари ДА („2”, „to”) го забрза процесот на подготовка на изборите. Изненадени сме од технолошката неписменот на одредени медиуми и новинари во вашата земја - коментираше изненадено извор од Еврокомисијата за МИА, инсистирајќи на анонимност.