Македонија
16. July 2020 - 16:59

Хакерскиот напад на сајтот на ДИК предизвика сериозни сомнежи за точноста на бројките

Страницата не е пронајдена. Ова известување веќе втор ден ќе ве пречека на сајтот на Државната изборна комисија, доколку сакате да ги проверите резултатите од вчерашните избори.

Единственото место задолжено за објавување на официјалните бројки престана да работи веднаш по затворањето на избирачките места во 21 часот.

Цел сме на надворешен напад, велат од ДИК, чиј информатички тим врши истрага за хакирањето на нивната интернет страна.

Што му се случи на сајтот на ДИК и како доаѓа до овие напади? Одговор побраваме од експертите за сајбер безбедност, кои проблемот го лоцираат во ниското ниво на електронска заштита посебно во нашите државни институции.

Нападната е интернет страната и серверите на ДИК, а не нашата апликација која функционира беспрекорно, велат од фирмата “Дуна”, задолжени за изработка на софтверот со кој се следат резултатите.

Дуна ја доби тендерската битка со “АјВоут”, чиј софтвер 15 години претходно го користеше ДИК. Тендерот беше распишан во февруари, а жалбената постапка беше завршена само една недела пред изборите.

„Нашата апликација е беспрекорна, но интернет страницата беше атакувана преку т.н. софтверски тероризам со сили од повеќе странски држави“, велат од компанијата.

Случајот е пријавен во МВР, а по него постапуваат единиците задолжени за компјутерски криминал.