Македонија
20. May 2016 - 16:42

Хајндл: Партиските лидери да ги стават државните интереси на прво место

Јоханес Хајндл, специјалниот пратеник на германскиот шеф на дипломатијата за Македонија повторно си замина од земјава без да соопшти детали за средбите за време на дводневната посета, и тоа втор пат за само една недела.

Хајндл втората посета ја заокружи со средби со лидерите на ДУИ и на ДПА, Ахмети и Тачи.

,,Можам само да го повторам тоа што го реков вчера. Веројатно сте ја виделе изјавата на еврокомесарот Хан и високата претставничка Могерини и немам што да додадам кон тоа. Во неа се содржи суштината на нивниот став.

Прашање: Дали постои надеж?

Секогаш постои надеж, но се разбира дека многу политичари треба да ги исполнат своите обврски и на прво место да го стават интересот на земјата‘‘, изјави Хајндл.

Од ДУИ информираа дека на средбата Ахмети ја поздравил одлуката на Уставниот суд која овозможи враќање на Собранието и откажувањето на изборите на неодредено време, создадената законска можност за повлекување на одлуката на Иванов за помилување и гаранција за продолжување на работата на Специјалниот обвинител.

,,Договорот од Скопје продолжува со полн капацитет, со специјален обвинител и независна изборна комисија, при што Владата ќе ги спроведе предвидените реформи. Ахмети ја посочи потребата за враќање на агендата за решавање на прашањето за името и го покани амбасадорот Хајндл и германската Влада енергијата да се фокусира во тој правец, бидејќи сите нерешени прашања во земјата произлегуваат од овој проблем‘‘ соопшти ДУИ.

Од ДПА, пак соопштија дека Тачи на средбата ја обвинил владеачката коалиција дека продолжува со еднострано и неодговорно однесување за прашањата кои беа дел од преговорите и за кој требаше да се постигне консензус меѓу четирите најголеми политички партии, со посредство на претставници на ЕУ и САД.

,,Единствен излез е продолжување на дијалогот и спроведување на решенија кои произлегуваат од овој процес со посредување и гаранции на меѓународниот фактор, а со посебен акцент на решавањето на прашањето за името и меѓуетничките односи‘‘, рекол Тачи.