Македонија
8. јуни 2018 - 12:46

Хаѕидакис: Владата прифаќа македонски јазик и македонска националност

Владата прифаќа македонски јазик и македонска националност, а тоа воопшто не е сложено име, вели потпретседателот на опозициската Нова демократија, Костис Хаѕидакис во интервју за грчката телевизија Скај.

Хаѕидакис, ги повторува позициите на неговата партија, дека е потребно „справување со иредентизмот во Скопје, уставна ревизија и да има комплетно и конечно решение“, но упатува и критики до владата.

- Се согласуваат да постои македонски јазик и да постои македонска националност. Што значи, овде воопшто не ни постои сложено име. Постои само Македонија за јазикот и за националноста. Според тоа, за името, за кое што разговараме постојано, дури и Централна Балканска Република да се викаат, од моментот кога долу пишува македонски јазик и македонски националност, што разговараме понатаму? вели Хаѕидакис во интервју за грчката телевизија Скај.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, потпретседателот на Нова демократија ја обвини владата и во однос на тоа дека не ја известува опозициската партија за текот на разговорите, па тие, „многу повеќе дознаваат од Скопје“.

Костис Хаѕидакис рече дека според она што им е досега познато, „се чини дека Нова демократија не може да гласа за договорот“.

- Владата можеби ќе може да го помине договорот во Парламентот, но прашањето е што ќе прави со граѓаните и со поранешните гласачи кои со постапките ги однесе на спротивна страна, коментира Хаѕидакис.