Македонија
25. јуни 2019 - 16:23

Хачинсон: Протоколот за НАТО во САД ќе биде ратификуван најдоцна оваа есен

Најдоцна оваа есен Сенатот на САД ќе го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО. Американската амбасадорка во Алијансата Кеј Бејли Хатчисон вели дека е само прашање на време кога земјава ќе седне на 30то столче.

Знаеме дека сите земји-членки го поддржуваат зачленувањето во НАТО.Се надеваме дека во декември ќе имаме можност да го прославиме членството, вели Хатчисон.

Иста порака упати и првиот човек на Алијансата, ден пред министерскиот совет на НАТО за одбрана кој утре и задутре ќе се одржи во Брисел.

Сите сојузници го потпишаа пристапниот протокол во февруари и потоа започнаа ратификациите, ратификациите одат доста брзо, обично, како што беше кога Црна Гора се зачлени, потребна е околу една година. Не е до мене колку брзо ќе ратификуваат, но би било многу добро ако можат да завршат до декември кога во Лондон ќе се состанат лидерите. Ако не биде тогаш, очекувам да се случи брзо потоа, вели Столтенберг.

На утрешниот министерски состанок на НАТО ќе присуствува и министерката за одбрана Шеќеринска. Во фокусот ќе бидат пред се буџетските прашања на Алијансата и таргетот од 2 отсто од БДП кој земјите треба да го издвојат до 2024-та година.

Во присуство на спикерот Џафери денеска пристапниот протокол за Македонија го ратификуваше и Унгарија. Членството на земјава во НАТО едногласно го поддржаа сите 153 пратеници. Со ова пристапниот документ до сега го ратификуваа вкупно 19 земји членки на Алијансата.