Фудбал
4. May 2016 - 9:42

Гвардиола заминува од Минхен без европски трофеј

Иноватор, визионер, трофеен стратег, во јуни 2013 година за многу пари пристигна во Минхен, но не ја исполни мисијата на германската и баварска гордост, Баерн, да му обезбеди долг престој на врвот во европскиот фудбал.
 
Во вторникот, Пеп Гвардиола, последен пат го предводеше Баерн во Лигата на шампионите, во Бундеслигата му остануваат уште две средби и една во финалето на Купот, потоа заминува во Манчестер Сити. По неуспехот во Лигата на шампионите веројатно сите во Минхен чекаат да си замине.
 
Пеп Гвардиола направи чудо со Барселона, освои се, ја унапреди „тики-така“, која во престолината на Каталонија ја донесе Јохан Кројф. Леснотијата со која Барселона ги кршеше противниците, ги полнеше противничките мрежи и освојуваше трофеи, го препорача во Баерн.
 
Баварскиот великан, впрочем како и сите големи екипи, сака да владее со европскиот фудбал. Клубот каде парите никогаш не биле проблем, реши да го направи Гвардиола најплатен тренер во светот на фудбалот и во исто време да му се заблагодари на Јуп Хајнкенс, кој во Минхен ја донесе последната титула во Лигата на шампионите.
 
Хајнкенс замина од Минхен како победник, а во наследство на Гвардиола му остави победничка фудбалска машина, која најчесто играше типичен германски, тотален фудбал, за гол повеќе од противникот.
 
Три години подоцна, Гвардиола ќе оди од Минхен со наведната глава, веројатно самиот нема да признае, но неговата мисија на „Алијанц Арена“ заврши неуспешно.
 
Баерн е фудбалски гигант, познат по тоа што во Германија им ги собира најдобрите играчи на директните конкуренти, поради тоа и поради финансиската стабилнст е неприкосновен во Бундеслигата.
 
Поради тоа, кога Баерн носи тренер, воопшто не се спомнува дека тој треба да ги осви титулите на домашна сцена, она што ги интересира Румениге, Бекенбауер, Замер и останатите е како да се воспостави доминација во европски рамки.
 
Гвардиола точно знаеше што се бара од него кога го прифати повикот, една европска титула најмалку, тоа е она што се вреднува во Минхен.
 
Неговите иновации и тактички решенија минаа во Бундеслигата, каде мора да се признае и немаше сериозна конкуренција, минуваа против сите и во Лигата на шампионите, само не против шпанските екипи.
 
Три сезони, три полуфиналиња и ниту едно финале, тоа е резултатот на Пеп со Баерн во Лигата на шампионите. 
 
Во својата прва сезона 2013/2014, Реал два пати славеше 1:0, 4:0, во реваншот во Минхен, Реал тогаш со Анчелоти со контра и полуконтра ја декласира „тики-таката“ на Баерн.
 
Сезона потоа 2014/2015, Гвардиола испадна од „својата“ Барселона, по 3:0 во Каталонија, реваншот беше формалност, а Баерн победи 3:2.
 
Во актуелната сезона Баерн налета на третиот шпански великан, Атлетико и повторно го положи оружјето. „Јорганџиите“ славеа 1:0 на првиот меч, а во реваншот победата на Баерн 2:1 значеше уште една елиминација за Гвардиола.
 
Анализи за престојот на Гвардиола во Минхен ќе има во периодот што следува, но неколку работи се јасни, тој не ја унапреди играта на Баерн, не освои ниту еден трофеј во Лигата на шампионите и му нанесе штета на клубот кога во февруари објави дека од наредната сезона ќе работи во Манчестер Сити.