Фудбал
28. March 2017 - 14:10

Гвардиола со 350 милиони го реновира тимот на Сити

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер Сити, во летниот преоден рок планира целосна реконструкција на тимот. Гвардиола во својата прва сезона не ги постигна посакуваните резултати и поради тоа планира да отпушти 18 фудбалери.
 
Манчестер Сити под водство на Пеп Гвардиола не ги постигнува посакуваните резултати, во Лигата на шампионите испадна во осминафиналето, титулата во Премиерлигата е загубена, поради што поранешниот тренер на Барселона и Баерн планира целосно да го реконструира тимот, односно да изврши најголема промена на играчкиот кадар уште од 2008 година кога шеикот Мансур го купи клубот.
 
Јаја Туре, Гаел Клиши, Пабло Забалета, Вили Кабаљеро, Хесус Навас, Бакари Сања не добија понуди за нови договори, откако не го убедиле Гвардиола дека ќе му бидат потребни и наредната сезона.
 
Од играчите кои Сити ги испрати на позајмица во други тимови (Џо Харт, Елиаким Мангала, Самир Насри, Вилфред Бони и Џејсон Денајер), Гвардиола ќе се обиде да заработи одреден сума на пари, која ќе ја вложи во нови фудбалери.
 
Сити ќе го напуштат и Фабијан Делф, Фернандо, Келечи Ихеначо кои ретко добиваат шанса оваа сезона, односно Венсан Компани кој повеќе е повреден отколку што игра.
 
Александар Коларов, Гвардиола не го гледа како опција за левата бековска позиција, а ниту на позицијата во централната дефанзивна линија каде Србинот најчесто игра оваа сезона. Загрижувачки за навивачите на Сити е тоа што менаџерот ќе го продаде и Серхио Агуеро со цел да му отвори простор на талентираниот бразилски тинејџер Габриел Жесус.
 
Целта на Гвардиола, кој според некои проценки, ќе добие 350 милиони евра за нови засилувања е да оформи исклучително млад тим, односно да донесе неколкумина фудбалери кои се врсници на Лирој Сане (21), Рахим Стерлинг (22) и Жесус (19).
 
На голманската позиција прв пик на Гвардиола е чуварот на мрежата на Бенфика Едерсон Мораеш, а алтернатива е Кејлор Навас од Реал Мадрид.
 
Гвардиола ги пикирал и бековите на Тотенхем Кајл Вокер и Дани Роуз, а резервна опција за позицијата лев бек е Сеад Колашинац од Шалке. Во централниот дел од одбраната на Џон Стоунс, Гвардиола сака да му ги приклучи Ајмерик Лапорт од Атлетик Билбао и Џошува Кимих кого го тренираше во Баерн.
 
Најтешка задача на Гвардиола ќе му преставува трансферот на Деле Али од Тотенхем, за кого клубот неколку пати нагласи дека не е на продажба.