Македонија
4. јуни 2020 - 19:46

Гужви на пазарите, колони пред маркетите

Гужва, нервозни граѓани и покачени цените. Ваква беше сликата на скопските пазари на неколку часа пред почетокот на 80-часовниот полициски час.

Иако генерално со маски, невозможно беше потрошувачите да држат дистанца од два метри на тесниот простор помеѓу тезгите.

Голем дел од купувачите кои сакаа да испазарат за претстојниот празничен викенд во карантин, не успеаја да ги купат сите потребни намирници.

Граѓаните велат дека зголемувањето на цените се должи на краткото слободно време.

Зошто цените драстично се покачени не успеавме да ги прашаме пазарџиите бидејќи обезбедувањето ги бркаше новинарските екипи со образложение дека немаат дозвола за снимање, иако медиумите не се известени дека е потребно такво нешто.

Со оглед на краткиот слободен период за движење пред стапување во сила на полицискиот час, гужви можеа да се забележат и пред маркетите и месарниците. Меѓутоа, со оглед на отворениот простор пред објектите тука има услови за одржување на потребната дистанца.

Одлуката за карантин беше соопштена на само 25 часа пред стапувањето во сила.