Свет
29. December 2016 - 10:41

Гутереш: Војната во Сирија стана „рак на глобално ниво“

Војната во Сирија е „рак на глобално ниво“, предупреди новоизбраниот генерален секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш и изрази надеж дека Вашингтин и Москва ќе ги надминат разликите во ставовите и ќе помогнат да се стави крај на кризата.

- Таа војна предизвика не само страдање на сирискиот народ, туку и жестоки реакции, кои во некои случаи водеа кон терористички активности, изјави синоќа поранешниот португалски премиер за португалската телевизија СИЦ.

Гутереш сирискиот конфликт го нарече „глобална закана“ и порача дека глобалните сили мораат да одлучат да стават крај на тој судир, што, како што посочи, не може да се постигне без надворешна поддршка.

Конфликтот во Сирија почна во 2011 година како бунт против претседателот Башар ал Асад, но таа брзо прерасна во граѓанска војна, откако сириската Влада почна да спроведува брутални мерки против бунтовниците.

Во таа војна се убиени повеќе од 310 илјади луѓе, а милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.