Македонија
9. December 2018 - 9:02

Густа магла на Пресека

Сообраќајот на  државните патишта се одвива по влажни коловози, а на планинскиот премин Пресека има густа магла со видливост до 50 метри, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утринските часови постои можност и од појава на голомразица.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), пак,информира дека нова снежнапокривка од по два сантиемтри има во Маврово и во Крива Паланка, а најмногу дожд во изминатото деноноќие пет литри на квадратен метар наврна во Маврово,  по три во Струмица, Крива Паланка и Лазарополе, два во Скопје  кај Зајчев Рид, во Тетово, Прилеп, Гевгелија, Крушево, Пожаране, иЃуриште, а по еден во Скопје на мерното место кај Петровец, како и во Охрид, Штип, Демир Капија, Дојран, Виница и Тополчани.