Свет
1. јуни 2017 - 20:01

Грушко: Ќе одговориме на засиленото присуство на НАТО на Балтикот

Рускиот амбасадор во НАТО, Александар Грушко, денеска изјави дека Русија ќе одговори на засиленото воено присуство на Алијансата кај нејзините држави членки кои се наоѓаат на руската граница, како што се Полска и балтичките земји, пренесоа британските медиуми.

Источните членки на НАТО побараа дополнителни безбедносни гаранции откако во 2014 година Москва од Украина го припои Полуостровот Крим, на Црно Море, и им даде подршка на силите кои се борат против силите под команда на Киев на истокот од оваа поранешна советска држава.

-Земјите на НАТО треба да сфатат дека сите овие напори нема да бидат незабележени што се однесува до нас и нема да останат без одговор во смисла на воено планирање, рече Грушко.

Британските медиуми наведуваат дека Русија го заислува своето западно крило со доведување на нови дивизии и ја обвинува Алијансата дека претставува закана за безбедноста на Русија со зголемениот број воени вежби и поставувањето сили на источниот крај на НАТО.

-Со ваквите воени чекори, воени активности и воено засилување, НАТО создава нова воена, безбедносна ситуација која не можеме да ја игнорираме, на која треба да одговориме со нашите сопствени воени инструменти, рече Грушко.