Македонија
15. September 2016 - 8:35

Групна изложба „Нашата Фукушима“ во Скопје

Групната изложба „Нашата Фукушима“ која е дел од Gogyoshi Art Project International, ќе бидe отворена вечерва на две локации во Скопје, во Домот на култура „Кочо Рацин“ (Галерија „КО-РА“) и Галерија „Флукс“.

На изложбата ќе бидат претставени дела од над 80 уметници од многу земји во светот, како и уметници од Македонија. Делата се работени во различни техники, вклучувајќи слики, цртежи, графики, фотографии, видеа, скулптури ...

Изложбата е во организација на Јаготка Томовска, Маја Кировска, Ед Хансен и Фред ван Вели, а во соработка со Домот на култура „Кочо Рацин“, Галерија Флукс и Н.У. Музеј Куманово.

Сите учесници на изложбата, како што велат организаторите, биле поканети да создадат свои дела инспирирани од една од десетте предложени (gogyoshy) песни на јапонскиот поет Taro Aizu. Gogyoshy е името што тој го дал за овој посебен вид поезија напишана во пет линии, ослободена од правила за бројот на слогови, должина на стихот и ритам. 

Проектот „Gogyoshi Art Project“ е инициран од холандските уметници Ед Хансен и Фред ван Вели, а е инспириран од gogyoshy поезијата на Таро Аизу, во која тој зборува за жителите на својот роден град Фукушима, за нивната љубов кон својот град, а подоцна и за нуклеарната катастрофа предизвикана од цунамито во март 2011 година, кога биле принудени да ја напуштат Фукушима.

 
Првата изложба од овој проект е одржана во ноември 2012 година во #Loods 32 во Lelishtad, Холандија, и на неа учествуаа 36 уметници. Набргу потоа, проектот привлекува меѓународно внимание и две групи, Мир и уметност (PAS) од Португалија и „Art Nations" од Германија се приклучуваат на проектот, а бројот на учесници постојано расте. Денес проектот брои повеќе од 500 учесници од целиот свет. Во изминатите четири години изложби како дел од овој проект се одржани на различни локации во различни држави ширум светот. За тоа време проектот се надградува и се развива, бројот на учесници од различни држави расте, затоа проектот е преименуван во Gogyoshi Art Project International. Активностите околу проектот се координираат и организираат преку Фејсбук група креирана со таа цел, каде членовите можат да добијат информации за тековните активности околу проектот, како и идните можности за учество.
 
Поминаа пет години од страшната катастрофа кога земјотрес со голем интензитет во градот Фукушима, проследена со цунами, одзеде човечки животи и предизвика голема хаварија на нуклеарната централа и нуклеарна контаминација на целата област. 

Целта на овој проект, според организаторите, е да се подигне свеста за проблемите кои се уште постојат во Фукушима, иако во Европа несреќата беше наскоро заборавена, а преку делата на уметниците, да ги потсети луѓето на ситуацијата во земјата која е далеку од тука, Јапонија. Со својот меѓународен карактер, овој проект гради мостови меѓу народите и уметниците од различни земји, со цел да се намали јазот меѓу различни култури и да ги зближи луѓето.

 
Во Галерија „Флукс“ изложбата ќе трае до 30 септември, а во  Домот на култура „Кочо Рацин“ до 22 септември.