Спорт плус
12. November 2015 - 14:19

Групата Нокаут ќе спонзорира каратист

Со финансиска помош од музичарите од групата Нокаут, успешниот каратист Филип Несторовски ќе учествува на светското првенство во Џакарта.
Несторовски на социјалните мрежи побара претходно парична помош во вид на спонзорство, затоа што и покрај неговите бројни успеси, неговиот матичен клуб „Металург" не бил во состојба да му го финансира учеството на Светското првенство во Џакарта. 
До неговата пораката, членовите на групата Нокаут случајно наишле и поради тоа одлучиле дел од финансиските средства предвидени за снимање на нивниот нов видео запис, да ги пренаменат и да му помогнат на Филип, целосно покривајќи му го престојот во Џакарта.
 
Благодарение на нивната брза реакција, Филип навреме купи авионска карта, кимоно, штитници, тренерки и сé што му е потребно од опремата, и замина во Џакарта каде веќе ги брани македонските бои.
 
„Нокаут како и секогаш несебично ги поддржува младите и успешни таленти, било финансиски било со учество на хуманитарни концерти. Во случајов, клубот на Филип "Металург" веројатно е во финансиска криза и нема доволно средства да одвои за него, па кога по социјалните мрежи наидовме на неговото барање за спонзорство, одлучивме да ги пренамениме средствата и да му помогнеме. Познавајќи го овој вонсериски талентиран каратист, кој на многу првенства настапува под македонско знаме, не се сомневаме дека и овој пат ќе постигне врвни резултати.Многу ни е важно да нагласиме дека нам не ни е целта да се пофалиме пред јавноста дека донираме средства, туку сакаме да ја кренеме свеста, да ја искористиме нашата позиција како јавни личности за да укажеме на проблемите со кои се соочуваат ваквите и слични таленти и македонски репрезенти. За жал, се почесто се случува да прочитаме по медиумите како некој млад ум или спортист не успеал да замине на значаен натпревар, само затоа што немал доволно средства за тоа. А, токму тие се нашите вистински амбасадори. Токму тие го запознаваат светот со богатствата на Македонија и македонскиот народ", рече фронтменот на Нокаут, Никола Перевски Пере.
 
Филип Несторовски тренира карате од својата шеста година. На 10 години се префрлил на борби и од тогаш досега секоја година е државен првак, а не престанува да освојува и меѓународни турнири. Има освоено повеќе од 300 златни медали, но и повеќе признанија од меѓународни турнири на кои бил прогласен за најатрактивен борец. Има и 400 последователни победи, без ниту еден пораз од каратист на Балканот и од Европа. Но, ете нема доволно пари за да продолжи да реди успеси.