Македонија
20. October 2017 - 16:58

Грујовски и Бошковски стравуваат за безбедноста во Македонија - Побарале од Грција да не бидат екстрадирани

Апелацискиот суд во Солун ќе одлучува дали поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски ќе бидат екстрадирани во земјава, пишуваат грчките медиуми. Според пишувањата на грчка АНА-МПА на Грујевски и Бошковски експресно ќе им се суди и за поседувањето на лажни патни документи со кои престојувале во Грција.

Повикувајќи се на извори во постапката, грчкиот портал VICE пренесува дека  двајцата македонски агенти пред грчкиот јавен обвинител вчера ги отфрлиле обвинувањата на маекдонските власти оценувајќи ги како политички мотивирани. Грујевски и Бошковски изјавиле дека не сакаат да бидат екстрадирани во земјава бидејќи се плашат за своите животи и дека против нив се води политички прогон.

Во меѓувреме и Министерството за правда го подготвува барањето за екстрадиција. До грчките власти во следните денови треба да бидат препратени документите и доказите поврзани со предметите Таргет и Тврдина на Специјалното обвинителство,а до конечната одлука Грујевски и Бошковски остануваат во притвор.  

Колку ќе трае целата оваа постапка не знае ниту нивната одбрана. Адвокатот Љупчо Шврговски вели дека тие немаат никакви ингеренции додека осомничените се наоѓаат надвор од државата.

Како поранешни началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски  се обвинети во предметите „Трвдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“ на Спацијалното обвинителство кои ги сомничи за уништување на опремата за прислушување. Пред два дена тие беа уапсени на солунскиот аеродром, откако повеќе од три месеци МВР ги бараше во меѓународна потерница.