Македонија
1. December 2017 - 16:32

Грујовски и Бошковски бараат политички азил во Грција

Судот во Солун го одложи судењето на двајцата вработени во УБК, Горан Грујовски и Никола Бошкоски. Рочиштето за поседување лажни патни исправи било презакажано, откако не се појавило уште едно лице обвинето за истото дело. Следното судење е закажано за 17 мај. Ова е трето одложување на судењето, откако двапати проблем беше обезбедувањето на преведувач од македонски јазик.

На 13 декември Судот во Солун ќе го разгледува барањето на македонските власти за екстрадиција на Грујовски и Бошковски. Во меѓувреме, нивните адвокати соопштиле дека двајцата и официјално побарале политички азил во Грција. Грујовски и Бошковски беа уапсени со лажни патни исправи на 18 октомври на аеродромот во Солун, при обидот да заминат во Будимпешта.

Денеска беше одложено и рочиштето за предметот на СЈО “Триста”, кое овојпат беше затворено за јавноста поради правото на приватност на обвинетиот кога станува збор за здравствени проблеми. Судијаката Лидија Петровска образложи дека одложувањето е резултат на потребата на психијатарот дополнително да ја разгледа документацијата и да направи вештачење дали обвинетиот Ѓоко Поповски е во депресија. На одговорното лице му била приложена и документација за активно боледување на обвинетиот. Ново рочиште е закажано за 28 декември.   

Поранешниот заменик министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски се товари за злоупотреба на службената положба при набавка на 300 возила за потребите  на МВР.