Бизнис
6. December 2018 - 12:54

Грујовски: Ако нема договор за враќање на парите на судските службеници, ќе има штрајк

Претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски верува дека многу скоро во скратена постапка ќе бидат донесени измените на Законот за судска служба и оти додатоци за плата редовно ќе примаат и судските службеници. Очекува дека до вторник ќе се сретнат со премиерот Зоран Заев и ќе најдат решение за проблемот со судските службеници и неисплатата на средствата од штрајкот во 2016 година, бидејќи во спротивно, ќе стапат во штрајк.

– Побаравме средба со премиерот која треба да се одржи до вторник, не со намера да го информираме, туку да седнеме, да преговараме и да најдеме заедничко решение, бидејќи во спротивно штрајкот ќе мора да се реализира. Ние од тоа не можеме да отстапиме како синдикат. Тоа го бараат членовите, изјави Грујовски пред почетокот на денешната дебата за социјален дијалог во Македонија.

Тој се надева дека Владата заедно со Министерството за правда ќе најдат решение за надминување на овој проблем бидејќи нивните напори како синдикат да го решат проблемот со претседателот на Судскиот буџетски совет Зоран Караџовски не вродиле со плод.

Средствата кои треба да им се исплатат на судските службеници се во висина од околу 350 илјади евра, а ставот на Владата и на Министерството за финансии, како што рече Грујовски, бил дека тоа не е некој трошок што не може да се покрие, но, оти треба да има правна основа.

– Ние како синдикат најдовме таква основа преку потпишување спогодба со работодавачот, но очигледно не им одговара тоа. Европската синдикална пракса вели дека секоја спогодба меѓу работодавач и  синдикат предизвикува правно дејство, но тие толкуваат на свој начин, вели претседателот на УПОЗ.

Тој бара одговор од Караџовски да каже дали ќе потпишат таква спогодба и дали овие пари ќе им бидат вратени на вработените. Наместо тоа, додаде, добивме известување дека судиите ги зголемија платите односно додатоците на плати.

Сепак, според него, социјалниот дијалог, отако се случило зголемувањето на платите и додатоците на платите за судиите, со одлука на судскиот буџетски совет, малку се придвижилеработите, и придонело Министерството за правада да ја сфати посериозно работата, и оти на тоа се резултат измените на законот за судска служба.