Македонија
15. February 2018 - 8:35

Грујевски и Бошковски ќе дадат изјава пред Комитетот за азил во Солун

Поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошкоски, денеска пред Комитетот за азил во Солун ќе ги изнесат причините поради кои го бараат азилот во Грција, потврдија за МИА од адвокатскиот тим. 

Претходно нивното првично сослушување во Комитетот беше одложено бидејќи имало проблем со обезбедување преведувач на македонски јазик.

Грујевски и Бошковски барање за добивање политички азил во Грција доставија на 29 ноември минатата година. Овој потег беше очекуван, со оглед на тоа дека во вакви случаи, за да се пролонгира екстрадицијата следниот чекор е барање азил.

Со поднесеното барање за политички азил пак, се отвори нов паралелен и дополнителен процес. Грујевски и Бошковски, во Грција, веќе имаат три различни и меѓусебно неповрзани процеси, едниот за екстрадицијата по издадената меѓународна потерница од македонска страна, другиот за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром и третиот по барањето за азил.