Бизнис
10. јуни 2016 - 17:17

Груевски:Во услови на политичка криза падот на невработеноста е одлична вест

Падот на невработеноста споредено со истиот квартал минатата година во висина од 2,8 отсто, а споредено квартал со квартал од 0,1 отсто е добра вест, особено што тоа се случува во година во која земјата е во политика криза предизвикана од опозицијата, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Додаде дека постојаниот пад на невработеноста од нивното доаѓање на власт е резултат на нивните напори, работа, мерки за отворање нови работни места.

- За сите мерки што беа преземени од страна на Владата, а имаше огромна плејада, добивме и многу признанија од меѓународни и значајни личности од светот на економијата, институции, финансиски институции... Така, успеавме со многу напори, со давање голема поддршка на домашната економија, но и силен импулс и поттик на странските инвеститори да дојдат во Македонија, да имаме континуирано намалување на невработеноста. Во некој квартал тоа е поголемо, во некој помало, но постојано се намалува, рече Груевски.

Потсети дека пред нивното доаѓање на власт имало постојано зголемување на невработеноста.

- Таа некаде во почетокот на деведесетите беше околу 18 отсто за да стигне до 38 отсто пред нашето доаѓање во Владата од кога континуирано опаѓа и сега се намали од 38 на 24,5 отсто, рече Груевски.

Тој одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ истакна дека каков било пад на невработеноста во услови на ваква политичка криза би било добра вест, а камоли, како што потенцира, пад од 2,8 отсто за една година.

- Година во која постојано сме во ситуација на политичка криза предизвикана од нашите политички опоненти како инструмент на нивна борба за доаѓање на власт, не како инструмент за движење на земјата напред, туку како инструмент како да издејствуваат нивно доаѓање на власт. 

Смета дека со отстранувањето на оваа политичка криза, намалувањето на невработеноста ќе биде многу поголемо, како што рече, ќе има поголем импулс на економијата, инвеститорите, домашните и странските...

- Затоа е многу важно опозицијата да разбере дека кога се обидува да дојде на власт со деструктивни чекори дека крајниот ефект е кај граѓаните. Тие се доволно искусни да сфатат дека тоа што тие им го прават е негативно за нив. Кога тоа ќе го сфати опозицијата и ќе го смени стилот на борење за победа на избори и доаѓање на власт тогаш можеби ќе има и поголеми успеси. Дотогаш ќе тоне.  Но, за жал, се обидува да ја потоне и државата. Ние го правиме нашиот максиумум тоа да не им го дозволиме. Не е лесно засега добро успеваме со минимизирање на тие штети, но битката е исцрпувачка, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.