Македонија
2. July 2019 - 14:54

Груевски за договорот со Бугарија: “Пријателството” беше “обландата” да звучи во јавноста поевропски

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ и Договорот за „Пријателство“

“Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите”

Гоце Делчев (до Ефрем Каранов од 17 Октомври 1895г)

„Оној кој копнее, што работи да ја присоедини кон Бугарија или кон Грција, тој може да се мисли за добар Бугарин, или за добар Грк, но не и добар Македонец. Таквиот Бугарин или Грк го подржува и вечниот раздор меѓу балканските народи, кои треба да живеат во братска дружба за да бидат пресреќни. Македонија им припаѓа на сите Македонци, без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружуваат сите балкански народи.”

Говор на Гоце Делчев во Преспа во есента 1901 година, од историскиот роман на Димитар Талев “Илинден” –прв пат издаден во 1953г.во Бугарија

„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има и народ понесреќен од Македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, одколку во Македонија…”

Писмо до Даме Груев

Дебатата за Гоце Делчев се чини е прилично задоцнета дебата. Исходот од таа дебата е политички решен, тој е познат од тогаш кога Зоран Заев – претседателот на СДСМ, во својство на Премиер, со голема радост, насмевка и гордост, со “две раце” на 1-ви август 2017 година во Владата во Скопје, го потпиша договорот за пријателство со Бугарија чии составен дел е комисијата за историја. Ова во време во кое Бугарија во секој момент може да не блокира на патот кон ЕУ ако македонските историчари не ги прифатат ставовите на бугарските колеги кои се важни за нивните политичари, колку и да имаат аргументи. Одлагање на прифаќањето на она што веќе е јасно дека е однапред политички договорено околу прашањето за историјата е можно само доколку во октомври не добиеме датум за преговори за членство во ЕУ заради неспроведените реформи и високата корупција во земјата. Особено доколку се решат за предвремени избори. Се разбира, СДСМ тоа ќе се обиде да ни го продава како некаков пркос и борба за националните интереси.
А дека таков договор ќе се потпише со таква содржина можеше да се наслути уште кога ВМРО-ДПМНЕ и покрај победата на изборите, во услови кога немаше 61 пратеник за самостојно обезбедување мнозинство, не состави влада во 2017.

Ми беше јасно од многу информации кои ги добивав помеѓу 2014 и 2017 година. Покрај другото, јас имав непотврдена информација дека претендентот за премиер на Македонија во посетите на официјална Софија давал снимки од телефонски разговори на членови на македонската влада. Таа информација ми се потврди подоцна, мислам по изборите во 2016г., кога во еден разговор со еден Бугарски европратеник во Брисел на која присуствуваа уште двајца мои соработници кои беа шокирани од она што го слушаа, истиот откако го пофали неговиот тогаш нов пријател, слично како денес што го фалат Пендаровски и кажувајќи дека е во редовна лична телефонска комуникација со него, не издржа и низ разговорот се пофали дека тие знаат се за нашите државни стратегии, планови, разговори и политики кон нив, бидејќи како што кажа, тој ги снабдил со мои и на моите соработници телефонски разговори по прашања поврзани и за кои би била заинтересирана Бугарија. Дури и си дозволи да ми раскажува што на таков начин дознале, но деталите за ова во друга прилика. Како во еден таков миг, човек да не се потсети на една позната мисла на Гоце Делчев од писмото до Никола Малешевски од 1897 година каде вели: “Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствта на своите синови-изроди, како Македонскиот.” Во себе си помислив дека со години наивно сум верувал дека ваквите ликови и чинови, се дел само од македонската историја кога сеуште сме немале држава и што се овој човек е спремен да направи за да дојде до власт, моќ, влијание и пари.
Јасно беше што нашиот сосед бараше од нас и не беше тешко да се претпостави на што тој се обврзал штом влегол во една таква соработничка операција.
Претпоставувам дека истото го направил и со соседна Грција каде исто така беше чест посетител во таа година кога освен низ главниот, некогаш границата ја минуваше сам на спореден граничен премин, а подоцна слушнав и скриен по багажници.Тоа беше време кога на Грците веќе почна да им станува јасно дека наскоро можеби ќе добијат “бинго” какво што не сонувале. Мислам дека тој не беше единствен кој во тоа време границата ја минуваше на невообичаен начин. Бев информиран, а мислам и некои медиуми во тоа време го објавија тоа, дека и денешниот негов потпретседател во владата кој во зенитот на преговорите за името направи спектакуларна милионска продажба на својата фирма на државна грчка компанија, во некои специјални прилики со актовка со себе, границата ја минуваше пеш, без возило. Имајќи ја во обзир неговата имотна состојба, сигурен сум дека мотивите за тоа не беа од социјална природа.
Не случајно како никогаш претходно апелирав за некои работи во кампањата во 2016тата…Но, да се вратам на темата…

Дебатата на историчарите веќе ја превзедоа политичарите кои мошне брзо го загубија трпението. Министерката за надворешни работи на Бугарија која по образование е историчар веќе кажа свој став. По неа и премиерот на Бугарија. Свој став кажа и “нашиот” инсталиран министер за надворешни работи. Со изјавата дека тој не е историчар за да каже што бил Гоце Делчев и дека немало да бидеме заглавени во историјата, а потоа и дека требало “да зрееме”, се е кажано. Во политиката и дипломатијата не се гледа само што се кажало, туку и што се сакало да се каже и што се сакало да се постигне со кажаното, скриената, дискретната или индиректната порака или мисла. Како и обично во слични прилики, “нашиот”премиер почна и уште некое време ќе одглуми благ отпор, колку да каже да заличи дека се обидел и во негов манир да ни објасни дека сме имале дебата, завршила дебатата, па по неа треба да се свртиме кон иднината.

Неговата прва премиерска посета беше во Софија неколку дена откако го назначија за Премиер. Извори од неговото опкружување тогаш раскажуваа наоколу дека сакал уште тогаш, веднаш да се потпише договорот за да покаже “брз успех”. Негови блиски “добронамерници” го посоветувале дека не е најпаметно да го потпише без да покажат дека преговарале барем 2-3 месеци, па ги послушал, така што потпишувањето беше одредено да биде во пресрет на заедничкото чествување на Илинден односно положување венец на гробот на Гоце Делчев со бугарскиот премиер во Скопје.

Ова сегашно барање на Бугарија поврзано со Делчев е само логична последица на тој договор од август 2017та. И нема да остане само на Делчев. Делчев е само симболот. Ако се реши за најавторитетниот од тоа време и веројатно од целата современа македонска историја, тоа не само што ќе важи за сите негови соборци, туку и за целиот народ во тој период.И тоа соседите воопшто не го кријат. Нивните политичари отворено говорат за ова во нивните изјави деновиве.

Зарем некој мисли дека ние не можевме да го потпишеме договорот за пријателство со Бугарија ако прифатевме се што СДСМ прифати?

И обратно. Зарем мислите СДСМ не беше свесна дека ако го потпише договорот со Бугарија онака како што соседите бараа, ќе дојде до овој момент? Па, целта на договорот беше токму ова. “Пријателството” беше “обландата”, да звучи во јавноста поевропски, иако договори со вакви наслови се повеќе познати од времето на комунистичките режими. Всушност нашите соседи не криеја дека прашањето за историјата им е најважното во договорот.

Но, кога сте прифатиле да бидете марионетска власт, веќе очигледно со цел за да ве остават да рекетирате и крадете, ќе работите за туѓи, а не за интересите на својот народ и нација. Нормално, како и сите марионетски влади, истовремено ќе водите пропаганда дека работите за својот народ. И секој ден ќе го плукате и прогонувате тој кој не ја прифати вашата улога. Ќе го прогласите не само за насилник, терорист, криминалец, корумпиран, измамник, фашист и слично, туку и за “жив ѓавол” кој мора да се затвори и уништи, бидејќи го покажува вашето “грдо лицe во огледалото” низ кое ве гледа народот. Оттаму доаѓа опседнатоста. Но, настрана тоа.

Се наѕира една од можните стратегии на македонската страна: ,,Гоце бил Бугарин, но се борел за слободна Македонија,,.

Токму тоа е и тезата на нашиот источен сосед речиси три децении, всушност и многу подолго во некои нивни кругови: ,,до 02 август 1944 сите сме биле Бугари, Македонски Бугари, а нашите предци се бореле за втора бугарска држава- Македонија. Еден народ- две држави. Потоа во 1944 Србите свесни и веќе искусни дека не можат да не преобразат од Бугари во Срби, со терор ни го наметнале македонизмот, а Бугарија имала предавничка влада на комунистичкиот лидер Георги Димитров…,,. Тоа е горе-долу главната нивна теза.
Тезата пак која произлегува од изјавите на неколку наши политичари и историчари, меѓу кои и Стево Пендаровски е токму потврда на тезата на соседна Бугарија. Бугарија воопшто не спори дека Делчев и неговите соборци се бореле за автономија на Македонија во нејзините етнички и географски граници, само додаваат дека целта била втората фаза да е присоединување со Бугарија. Сепак нивното главно прашање е што биле тие, чии биле, кој народ се борел за Македонија во правец на докажувањето дека македонската нација е создадена во 1944 со создавањето на новата социјалистичка Југославија. Значи ако тргнат по овој пат “нашите” ќе прифатат тоа што и Бугарија го тврди, но во друго “пакување” и веројатно со ,,победничка,, реторика.
Сега само треба време. Не за созревање, туку како да смислат формулација со која ќе се прифати она што го бара Бугарија, а истовремено да се смисли некоја фраза, која ќе се продава на разочараното македонско гласачкото тело дека ете нешто сме спасиле и сме добиле во преговорите. Помалку веројатно, иако многу почесно, би било ако кажат поискрено: “мораме да прифатиме, по секоја цена….”

Сепак, пред за крај да поставам неколку прашања, да констатирам и една позитивна работа во сето ова. Нашите две европски земји сосетки вознесени од успехот со инсталираната марионетска влада така го водеа процесот што практично добија се што сакаа, над нивните очекувања. Не оставија ниту малку простор да личи дека имало компромис. Тоа е сигурен показател дека во иднина, кога Македонија ќе има подобри политички и меѓународни околности, кога и да е тоа, сите овие работи ќе претрпат ревизии и коректури.
Зошто?

Затоа што се што е со сила и уцена наметнато, а невистинито и нереално догорочно е осудено на неуспех.
Затоа што, на пример со овој договор ќе нема логичен одговор за многу прашања и коректурта ќе мора да дојде еден ден.

Јасно е дека декларирањето во времето на Гоце Делчев е според милет системот во Oсманслиската империја. Една црква-една нација. Тоа е еден вид наметнато административно правило во тоа време. Ако одиш во Егзархиската црква (бугарската) се декларираш Бугарин, ако одиш во Патриаршиската (грчката) се декларираш Грк. Трета опција речиси немало.

Ако си под Бугарска црква, одиш во училиште создадено од таа црква и не можеш да се декларираш за ништо друго освен за Бугарин, што и да мислиш, како и да се чуствуваш, колку и во тебе да е навлезена македонската национална свест. А што зборуваш надвор од тоа, каква припадност или посебност реално чуствуваш, што пропагираш кон твојата околината, во што веруваш, која е твојата идеја, кауза и за што се бориш е друго прашање.

Тоа декларирање освен во административните документи, понекогаш, по инерција создадена од долгогодишно користење, а произлезено од милет системот, каде Македонците-егзархисти биле нарекувани Бугари, била и во дел од комуникацијата помеѓу Македонските револуционери, но борбата и личната жртва била за тоа што реално се чуствувале. Тоа е и одговор на оние кои се повикуваат на неколку писма од Делчев до Никола Малешевски и слични такви документи.
Од тука, јасно е зошто на пример Борис Сарафов, кој како најблиски пријатели и соборци ги имал Гоце Делчев и Ѓорче Петров, и кој е затворан од бугарските власти пред да премине во организацијата,според милет системот на Османлиската империја секако морало да се декларира за Бугарин одејќи во Бугарска црква, училиште, офицерска школа во Софија итн. Но, тој изјавува: ,,Ние Македонците- не сме ни Срби, не сме ни Бугари, туку едноставно Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние сочуствуваме и со едните и со другите, и со Бугарите и со Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му бидеме благодарни, но Србите и Бугарите нека не заборават дека Македонија е само на Македонците,,.
Сарафов (роден 1872) и Делчев (роден 1874) учеле заедно во Софијската офицерска школа, а овој за тоа време исклучително храбар став јавно да се искаже подоцна станал лого на весникот “Македонски глас “на Македонската петроградска колонија на Димитрие Чуповски.

Јасно е дека Делчев, Сарафов и останатите соборци се современици на почетоците на повеќе деценискиот период на создавањето на македонската нација и тоа во многу сложени услови, без своја држава, или кнежество, автономија и слично. Бугарија која во голема мера благодарение на Русија, добива кнежество (планот на царска Русија тогаш е создавање на своја сателит држава) по руско-турската војна во 1878 година, со тоа добива и полуги (институции, пари, пропаганда, оружје, агентура…) со кои побрзо ја создава нацијата и свеста за неа кај населението. Додатно, а многу значајно имаат признаена црква, што во тоа време е многу значајно оружје во политичката пропаганда и создавањето на нација.Таа црква има јурисдикција и врз целата територија на географска Македонија каде нејзин главен конкурент е грчката црква, која исто како и бугарската си ја одработува и својата политичка агенда.

Гоце Делчев имал непомирлива борба против врховистичките чети. За тоа постојат многу писма и документи. Ако бил Бугарин, зошто се борел против врховистичките чети кои се експонент на бугарската политика кон Македонија. Во писмата ги нарекува ,,Генералски чети,,- алудирајки на офицерите кои се нивни членови.

Напуштањето на Софија во самиот финиш на завршувањето военото училиште по аферата со анонимните писма до воениот министер и санкциите заради тоа, е јасен доказ дека Делчев немал намера да прави воена кариера, туку да стане револуционер кој ќе се бори за автономна Македонија.

Во тој правец, треба да се потсетиме и на уставите на ВМРО (МРО, ТМОРО,ВМОРО,ВМРО), особено на член 1 и член 2 од Уставот на ВМОРО. Овде се гледа дека се работи за Македонска организација. Според член 1, ВМРО се бори за автономија на Македонија и Одринско, без да се споменува бугарска националност. Член 2 е уште подециден: ,,Организацијата им се спротиставува на стремежите за делба и завладување на тие области (м.з.се мисли на Македонија и Одринско) од која и да е држава,,. Значи, било која држава, дури и Бугарија. Првите Устави и Правилници на организацијата се составени токму од Делчев и Ѓорче Петров.
Гоце Делчев бил постојано присутен на теренот, исполнувајќи ги своите мисии, теренска работа, создавање на канали за пренос на оружје во Македонија, формирање чети и агитација за автономна Македонија. Неточни се тврдењата дека во тој период Бугарија ги снабдувала со оружје. Делчев сам си создавал врски за КУПУВАЊЕ на оружје. Значи КУПУВАЊЕ. Тоа обично се правело преку браќата Иванови, Македонци, трговци со оружје и Наум Туфекџиев, Македонец од Ресен. Дел од оружјето Делчев го обезбедувал и преку Сарафов од магацините на врховистите. Но Бугарија без пари не дала ниту една пушка. Целото оружје за ВМРО во тој период е купено со пари.

Единствено место во Бугарија каде престојувал Делчев била Софија и тоа затоа што бил задграничен претставник. Престојувал во хотел Батемберг или Славјанска беседа, живеел сиромашно, се хранел на места каде оделе македонски емигранти. Ако бил Бугарин, владата ќе помогнела со нешто. Живеел од пари на организацијата, ниту еден лев од Бугарската влада.

Еднаш побарал прием кај Бугарски премиер кој го одбил. За тоа има документ. Ако бил Бугарин, сигурно ќе бил примен од Бугарската влада.

Каков однос имала Бугарската влада доволно илустрира изјавата на Григор Начович (1845-1920), во различни мандати и години Бугарски дипломат, министер за надворешни работи, министер за внатрешни работи, министер за финасии, министер за трговија, градоначалник на Софија итн, кој изјавил дека ако во Македонија има востание има опасност во Бугарија да навалат 100,000 ,,голтари,, , како што ги нарекол Македонците.

Нашите иторичари ги знаат овие работи и многу повеќе во оваа смисла. Прашањето е колку ќе сакаат да го зачуваат својот личен интегритет, пред притисокот на политиката.

Македонија и Бугарија може слободно да се каже дека се два блиски народи по многу нешта. Кога не би била дневно политичката и медиумска пропаганда, би требало да сме најблиски со нив по многу параметри. Но, не може и несмее да се дозволи да се негира посебноста на Македонскиот народ од Бугарскиот народ, и денес и во минатото. И попусто очекуваат дека тоа може еднаш за секогаш да го направат со некакви договори под уцена со привремена марионетска влада во Македонија. Па ако не сме сега членки на НАТО и ЕУ, еден ден ќе бидеме. Со што тогаш ќе не уценуваат. Договорот со нив, исто како и оној со Грција е донесен со просто мнозинство во парламентот со 61 пратеник. За таквите меѓудржавни договори нема ниту гласање со двојно мнозинство (“Бадентер”) ниту двотретинско гласање. Не еден меѓудржавен договор сме изгласале досега. А и кога би имало, во политиката се е изводливо кога се носи во себе кај мнозинството народ чувството на неправда и искористеност под уцена. Пријатели не постапуваат вака со пријатели. А ако постапуваат, тогаш грешат.
Македонија и Бугарија имаат многу причини да бидат големи сојузници. Да се помагаат и подржуваат меѓусебе локално и меѓународно, а не да се уценуваат и да се “начекуваат” кога едната е во тесно, а другата во подобра позиција. Нема ништо “братско” во таквите постапки. Колку и сето ова некому во Бугарија да му изгледа како политички успех, колку и да ги носи чуството дека со оваа актулна власт во Македонија “им паднала секирата во мед” треба да знаат, тоа е само оддалечување на двата народа и дека Македонија нема да биде вечно “село без кучиња”.

Производот добиен од ситуација на уцена не остава простор за вечно затворање на отворените прашања. Затоа, меѓудругото, како премиер се борев за поправичен а со тоа и долгорочно одржлив односно траен договор за пријателство. Да небиде наместо за пријателство-договор за раздор и отворање нови проблеми, блокади, уцени, фрустрации, незадоволство, децениски несогласувања…

Јас некријам дека имам многу позитивни чувства кон Бугарскиот народ, иако дел од нивната политичко-медиумска пропаганда неправедно и лажно ме прикажува како некаков нивни непријател. Никогаш ниту еден лош збор не сум кажал за Бугарија, ниту јавно, ниту приватно, освен ако за зло не ми е земено што се борев за правдата, вистината и интересите на мојот народ-Македонците. Дури, немам некој отпор и кон нивните политичари кои отворено и најжестоко ме напаѓаат и кои борејќи се за нивната кауза, но и за дневно политички поени, прилично незграпно се обидуваат преку историјата и негирањето да се допаднат на нивното гласачко тело. Лоша стратегија.

Некако, како да сите насобрани фрустрации од се што ним непријатно им правеле низ децениите наназад некој поголеми и помоќни фактори од нив, а за кои не можеле да реагираат и сите притисоци, понижувања и порази кои ги доживувале низ тие процеси, како да сакаат да ги истурат и неправедно да покажат ,,сила,, на Македонија.
Кога историјата ќе ја превземат политичарите и ќе ја стават во политичко партиски цели со кои треба да се успее понижувајќи го и негирајќи го другиот, тоа веќе не е пријателско однесување и не оди во правец на посакуваните желби од договорот за пријателство. Не гледам што има европско во таа стратегија. Полесно е да најдат марионетска влада која се ќе им прифати и потпише. Невозможно е тоа да опстои на долг рок и да биде прифатено од Македонците во Република Македонија, независно на сите напори. Само ќе не оддалечи, наместо да не зближи.

Можеа и помудро.