Македонија
9. September 2016 - 15:47

Груевски: За 1 година отворени 21.000, за 10 години над 160.000 нови работни места

Над 160 илјади нови работни  места се отворени од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт од 2006 година до денес што овозможи пад на невработеноста од 38 на 24 проценти. Намалувањето на невработеноста беше еден од главните фокуси во работата на ВМРО-ДПМНЕ и доколку се избегнеше барем политичката криза која ја создаде нашиот политички опонент бројката ќе беше уште поголема, изјави денеска лидерот на партијата Никола Груевски.
 
– Со задоволство ја слушнав денеска оваа вест дека за еден квартал имаме 0,5 проценти намалување на невработеноста. Тоа е за вториот квартал од оваа година за април, мај и јуни. Во однос на истиот квартал минатата година тоа е намалување за 2,8 отсто или некаде во број на вработени е 21.000 новоотворени работни места, што за една година е прилично сериозна бројка. Ова е значајно од повеќе аспекти, а особено што се случува во период кога земјата се соочува со специфична политичка криза, токму во месеците на нејзинииот ек кога на двапати се одлагаа изборите, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на нови 22 наслови од четири едиции.
 
Коментирајќи ја денешната информација за падот на невработеноста за 0,5 отсто во вториот квартал, нагласи дека е важно оти мерките што се преземаат од страна на Владата, на државата, ги даваат потребните ефекти и се отвораат се повеќе работни места. Во тој контекст ја спомена и направената добра бизнис клима, која, како што рече, е многу значајна и е предуслов за се друго што се правеше да даде резултат.
 
–  Она што е исто така значајно е што заклучно со овој резултат и оваа објава на намалување на невработеноста за 0,5 проценти во само еден квартал сега веќе невработеноста е 24 отсто. Беше некаде околу 38 проценти кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде Владата во 2006 година и бројот на новоотворени работни места е 160.000. Ќе потсетам дека пред некоку месеци ние имавме отчет пред граѓаните  којшто го одржавме во салата „Јане Сандански“. Во тој момент беше над 150.000 новоотворени работни места, сега е веќе над 160.000 или вкупно во државата има регистрирани 720.000 вработени, за разлика од 2006 кога влеговме во Владата кога беа некаде околу 560.000.  Тоа значи дека 160.000 луѓе повеќе се вработени отколку во 2006 година, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
 
Тој оцени дека тоа е повеќе од одличен резултат кога ќе се земе предвид дека е остварен, како што рече, во сложени услови, во тешко време најпрво во светската глобална криза која одзеде две, три години, потоа европската должничка криза, исто така околу две, три години, па сега политичката криза внатре во Македонија која речиси две години го оптоварува стопанството.
 
– Сигурен сум дека доколку условите не беа такви какви што беа или барем доколку се избегнеше политичката криза која ја создаде нашиот политички опонент бројката ќе беше уште поголема. Ова е добро затоа што она на што најмногу бевме фокусирани како политичка партија, како политичка  гарнитура е да го решава најгорливиот проблем на граѓаните, рече Груевски.
 
Според него, ако се направи каква било анкета или истражување на јавното мислење несомнено ќе се види дека најголемиот проблем на граѓаните  е невработеноста, а излегувањето во пресрет на она што им е најголем проблем, независно од нивната етничка, религиска или каква било припадност на крајот на денот, е всушност најважното нешто што исполнуваат политичарите.
 
– Улогата на политичарот е да ги решава главните проблеми на граѓаните. Ако главниот проблем е невработеноста и ако за овој период од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ сме отвориле нови 160.000 односно 160.000 граѓани повеќе од тоа што биле се вработиле, тоа значи дека ние сме ја погодиле целта и сме го вложиле нашиот труд и нашиот фокус на вистинското место. И тоа има свои резултати што мене ме прави задоволен, вели Груевски.
 
Но, предизвикот, нагласи тој, се уште постои. – Иако невработеноста е намалена од 38 проценти на 24 проценти тоа се уште е невработеност на која треба да се работи за нејзино дополнително намалување. Не треба да бидеме презадоволни. Можеме да бидеме задоволни, но ни претстои уште работа, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.