Македонија
23. November 2016 - 20:46

Груевски во Прилеп вети нов театар и инвестиции во обнова на спортски објекти

Изградба на нов театар и темелна обнова на Домот на културата во Прилеп. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во 4 изборна единица Никола Груевски пред прилепчани презентираше дел од програмата Реално. Новиот театар со површина од 300 до 350 квадрати, ќе ја замени старата театарска зграда, која според Груевски е мала и несоодветна за успесите кои ги постигнуваат прилепските театарски работници. 

Подготовките би почнале по изборите, а посериозни активности, вети, во 2018 година. Се проценува дека новиот театар би бил со површина од 300 до 350 метри квадратни.Со темелната обнова на Домот на културата и новиот театар и прилепската публика и театарските работници ќе добијат соодветен простор, оцени Груевски.

Груевски во Прилеп имаше средба и со спортски работници пред кои најави целосна обнова на спортскиот центар „Маркови кули“. Инвестицијата, како што рече, ќе изнесува пет милиони евра, но ќе стартува по решавање на имотно-правните работи.

- Темелна обнова во програмата „Реално“ е предвидена и за спортската сала „Македонија“ каде се планира да се вложат 1,5 милиони евра. Како што наведе Груевски, предвидена е изградба на пет баскет игралишта, како и тениски терени. Посочувајќи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период вложила многу во спортот, но била и критикувана дека нема доволно финансии во оваа област, Груевски ги претстави новините од Законот за спорт и Законот за данок на добивка што ќе стапат во сила на 1 јануари. Со нив се дозволува дел од данокот на добивка компаниите наместо да го уплатуваат во Буџетот, да го инвестираат во спорт, рече Груевски, нагласувајќи дека максимално ќе се внимава да не се прават малверзации.

Како дел од програмата Груевски потенцираше дека од следната година е планирано и директно државно финансирање на лиги за што како прв спорт е одбран боксот.

Додаде дека во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ заклучно со крајот на годинава ќе бидат завршени приближно 100 спортски сали, а се планирани вкупно 180 во целата држава (спортски и училишни спортски сали). Исто така Изградени се 50 од планираните 120 фудбалски игралишта, 70 тениски терени од предвидените 120. Груевски посочи дека е Завршена и изградбата на 65 мултифункционални игралишта.