Loading Video...
Бизнис
26. September 2015 - 17:14

Груевски во посета на САД, бизнисмените од Охајо ги слушнаа поволностите за инвестирање во Македонија

Најниски трошоци за компаниите за водење бизнис во Европа претставени преку ниските и рамни даноци и погодностите во технолошко – индустриските развојни сектори. Растот на бруто домашниот производ и извозот од зоните, ниското и умерено ниво на надворешен државен долг и стабилна стапка на инфлација.

Ова е само дел од пакетот поволности кои Македонија ги обезбедува за креирање и развој на бизниси и кои премиерот Никола Груевски  вчера ги презентираше на бизнис форумот во Колумбус.

За добрата бизнис клима што ја нуди нашата земја слушнаа поголем број на бизнисмени од разни сектори. Како што стои во соопштението од владината прес служба, премиерот се осврнал на владината ориентација за постојан дијалог со бизнис заедницата и отвореноста за решавање на предизвиците со кои се соочуваат компаниите во работата.

Еден од најважните проекти имплементиран последните години а кој помогнал за подобрување на климата според Груевски е Регулаторната гилотина.

-Овој проект беше имплементиран заедно со стопанските комори и со повеќе од 300 компании, различни по големина, од различни индустрии и сектори, и овој проект значеше кратење или пак поевтинување на илјадници бирократски процедури во земјата што многу им помогна и на домашните и на странските компании, изјави Никола Груевски, премиер.

Бизнисмените од Груевски слушнале дека конкурентната и талентирана работна сила е уште една од поволностите во Македонија за привлекување на странски инвеститори. Оваа владина политика за вложување во образовен кадар ја потврдил и претседателот на Бордот на директори на Кемет Електроникс Франк Брандерберг.

Во Македонија воспоставивме Центар за поддршка на клиентите од цела Европа, и тоа не само заради способностите за познавање на странските јазици туку затоа што луѓето во тој центар имаат бизнис способности. Кога се јавува клиентот и има прашања за на пример фактурирањето, за цените, за испораките, луѓето во центарот не само што ги зборуваат јазиците на клиентите, како на пример италијанскиот, германскиот или друг европски јазик, затоа што клиентите се од цела Европа, туку луѓето во центарот разбираат што клиентот прашува, односно имаат чувство за бизнис, истакна Френк Бранденберг, претседател на Бордот на директори на Кемет Електроникс.

И Нагенда Равандала од компанијата Абот Лабс, која се наоѓа на 61 позиција на листата на 500 најбогати светски компании Форчјн 500 (Fortune 500), по презентацијата констатирал дека една од компаративните предности на нашата земја е едуцираноста и талентираноста на работната сила.

-Она што ме заинтригира е балансираниот пристап кој Македонија го има, и кој што значи не само да се создаде простор за поддршка на производствените капацитети туку и понудата на талентирана работна сила. Компаниите како нашата, кои имаат интерес за инвестиции, не бараат само простор за реализација на деловните операции туку се интересираат дали има работна сила која може да помогне во развивањето на локалните подружници и правецот на постојан раст на компанијата. Мислам дека Македонија ги поседува овие компетенции, изјави Нагенда Равандала од компанијата Абот Лабс.

Едуцираните работници, рамните даноци и гилотината предизвик за бизнисмените во Колумбус. По говорот на Груевски дале позитивна оценка за понудата која ја обезбедува нашата земја за реализација на странски инвестиции.

-Она што го слушнав претставува значајно поттикнување за компаниите да дојдат и да се лоцираат во Македонија. Мислам дека имате значајни драстични предности и тоа во поглед на даноците, ориентираноста на Владата за унапредување на бизнис климата и едуцираната работна сила. Тоа е многу атрактивно за бизнисмените да отвораат бизниси во Македонија, изјави Мајкл Ставроф од компанијата РГ Бери Корпорејшн.

Како најголем и главен град на државата Охајо и 15-ти најголем град во САД, Колумбус е карактеристичен по разновидната економија базирана на повеќе сектори: образование, банкарство, технологија, енергетика, здравство, осигурување, авијација, логистика.  Неколку пати бил рангиран меѓу најдобрите градови во Америка за водење бизнис од страна на Форбс (Forbes), Бизнис Вик (BusinessWeek) и Ефдиај Магазин (FDi Magazine).