Македонија
8. September 2015 - 15:25

Груевски: Владата останува во директен контакт со народот

Македонија направи огромен напредок во овие 24 години независност и сувереност, но потребна е уште многу работа. Мораме да останеме фокусирани на континуирани реформи и на стратегиските цели. Владата тоа и го прави, но паралелно останува во директен контакт со народот, рече премиерот Никола Груевски во денешното обраќање по повод Денот на независноста, 8-ми Септември.

Одењето на терен, соочувањето со проблемите на луѓето и нивното решавање во случаите кога е можно, нагласи, ќе ја одржуваат бистра сликата за реалноста кај политичарите и функционерите кога се дизајнираат реформите.

- Мораме да продолжиме директно да се соочуваме со проблемите на луѓето, да ветуваме и да го реализираме нивно решавање. Независноста ни даде одврзани раце да бидеме свој на своето. Сами како држава и народ да ги носиме одлуките за нас. Сега, оваа наша држава мораме на најдобар и најефикасен начин да ја модернизираме, зајакнуваме и континуирано да ја реформираме кон подобро. За доброто на народот, бидејки народот е државата, порача Груевски.