Македонија
21. April 2018 - 11:45

Груевски: Владата на СДСМ запре дел од започнатите проекти на ВМРО-ДПМНЕ, а дел сериозно ги забави- ова има директно негативно влијание врз (не)вработеноста

Владата на СДСМ која минува низ единаесет месеци од управувањето со државата не започна ниту еден нов проект, било тоа да е почетна фаза на проектирање, ниту пак почеток на градба на некој од наследените од минатата влада. Дел од започнатите проекти од Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги запре, а дел сериозно ги забави. Сето ова има директно негативно влијание и врз (не)вработеноста, напиша на својот Фејсбук профил, поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Една од причините за забавувањето на дел од проектите беше комбинација од неспособност, неснаодливост и бавност, како и свесна желба да се забават некои од проектите, за да помине доволно долго време, кое кај граѓаните ќе остави впечаток, перцепција дека огромен дел од работата ја завршила новата влада.

Еден таков проект е градбата на нов автопат, автопатот Демир Капија – Смоквица, во должина од 29 км, инвестиција над 200 милиони евра. Автопатот комплетно беше завршен во мај 2017-та. Преостануваа две работи: изградба на контролен центар и преместување на еден далновод. Тоа е отприлика работа за еден месец. Ако имаш слаба влада, еве да речеме дури и три месеци. Во најлош случај, ова требаше да е готово и автопатот пуштен во употреба на крајот на август 2017-та. Досега по него ќе поминеа над 3 милиони возила. Олеснување и за товарните возила и патничките автомобили и за туризмот и за се. Но, не. Под разни измислени изговори, владата го пролонгира отворањето, за да кога Заев, Анѓушев и Сугарески ќе ја пресечат лентата, нацијата да има перцепција дека нешто и тие изградиле.

Тоа што во меѓувреме на стариот пат се случија уште десетици сообраќајки и загинаа многу луѓе, што наши граѓани, што туристи, не е важно. Важно е да се создаде слика дека не е ВМРО-ДПМНЕ тоа што го изградило патот, туку СДСМ.

Ниско. И жално.

Втор таков проект е градбата на новиот објект на Кривичниот суд во Скопје, вреден над 10 милиони евра. Готов неколку месеци пред смена на власта, но течеше тендер за некоја додатна опрема. Во најлош случај требаше да е готово во август 2017-та.

Го отворија пред две недели на почетокот на април 2018-та. Нормално, заменик министерот за правда од СДСМ, со сдсмовската постава на судии полни со себе, онака со чувство како да нивната партија вечно ќе е на власт, го прикажаа на начин да се добие перцепција како да минатото лето почнала да се гради зградата и еве сега ја отвораат. Па им се вклучи алармот, кој до ден денес не е исклучен, бидејќи ниту знаат да го исклучат, ниту е некој заинтересиран. Пишти дење и ноќе, троши струја, ама кога државата плаќа, нема проблем. Не знаат да вклучат ниту парно греење. Важно помина сликањето и меракот тие кои ја изградија да ги видат како во неа влегуваат обвинети во политичките процеси кои ги водат. А не се свесни, со ваквото нивно незаконско работење на секој чекор, дека брзо ќе дојде денот, кога ќе се сменат улогите на тоа кој влегува таму како обвинет.

Најинтересно беше што претставникот на СДСМ јавно кажа дека најзаслужна за градбата на објектот била Светската банка. За човек кој не е во тек, ќе помисли дека ни дале грант, а не кредит, кој во меѓувреме во поголем дел се врати. Благодарни сме што ни даде кредит, но ако не ни дадеше Светската банка, кредит ќе земевме од друга банка. Тоа е таа необјективност и немање доблест на власта да се признае тоа што политичкиот конкурент го создал. Па мора и да се лаже. И тоа јавно, пишува Груевски.