Македонија
6. September 2015 - 15:49

Груевски: Трајно се решава проблемот со лековите за ретки болести

Во финална фаза е решавањето на проблемот со лековите за ретки болести. Од вкупно 21 лек колку им се потребни на пациентите, 11 се стасани и распределени, шест се во фаза на распределба, а четири се во фаза на набавка. На ваков начин трајно ќе се реши проблемот на пациентите со ретки болести, бидејќи мерката не е еднократна. Годишно за неа ќе се издвојуваат по околу 3,7 милиони евра. 

- Ние се обврзавме да го решиме проблемот со лековите за ретките болести и можам да кажам дека сме во финишот на неговото решавање. Од вкупно 21 лек, колку во моментов се потребни во Република Македонија, односно за колку досега изразиле барање пациентите во Македонија, веќе 11 се пристигнати и се распределени на пациентите и тие ги користат бесплатно. Шест други се пристигнати и се во фаза на распределба, а уште четири се во фаза на набавка. Така што, за многу кратко време сите 21 потребен лек ќе бидат целосно распределени на пациентите бесплатно, истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на нова опрема во ГОБ „8 Септември“.

На тој начин, додаде премиерот, целосно се решава проблемот со пациентите кои имаат ретки болести, којшто, како што потенцира, беше долгогодишен голем проблем бидејќи станува збор за исклучително скапи лекови кои пациентите не можат сами да си ги набават, а кои досега ФЗОМ не ги покриваше.

- Од минатата година со одлука на Влада се донесе решение ФЗОМ да ги покрива овие лекови. Нивната набавка е при крај. Веќе пристигнатите 11 лекови претставуваат практично 90 отсто од потребите на пациентите, односно се најчесто користените лекови, останатите шест кои се во фаза на распределба  и четирите кои се во фаза на набавка претставуваат 10 отсто од потребните лекови. Така што, може да се каже дека сме во длабок финиш на завршување на овој проект и тоа ќе биде понатаму континуиран процес, истакна Груевски.

Појасни дека оваа мерка не е еднократна или привремена, туку трајна. Вкупната сума која секоја година ќе се издвојува за оваа намена ќе биде околу 3,7 милиони евра.