Македонија
5. September 2018 - 14:04

Груевски смета дека делото за „Тенк“ е застарено

 Пресудата има бројни недостатоци, пред се суштествени повреди во постапката, а направени се и големи повреди во Кривичниот законик, рече адвокатот Стерјо Зиков образложувајќи ја пред судечкиот совет на Апелацискиот суд жалбата за првостепената пресуда за Ѓоко Поповски во предметот „Тенк“.

Според него, има повреди на кривичната постапка во неправилното изведување на материјалните докази, кои судијата дозволи да се читаат како наслови во листата на докази, а не и содржински што е спротивно на Законот за кривична постапка.

Зиков пред судечкиот совет на Апелацискиот суд се пожали и на вештачењето во врска со овој предмет велејќи дека е премногу скапо.

- Преседан е две вештачења од по 10 страни, за кои јас плаќам во пракса од 100 до 200 евра, СЈО ги платило по 2.500 евра, односно вкупно 5.000 евра, рече Зиков.

По првостепената пресуда за „Тенк“ поднесени се шест жалби, четири од адвокатите на Груевски, една лично од Груевски и една од Ѓоко Поповски.

Судијата известител Тања Милева на седницата ги прочита четирите жалби од адвокатите и личната на Груевски, а адвокатот Стерјо Зиков ја образложи жалбата на Ѓоко Поповски.

Во жалбата на Груевски е наведено дека во февруари 2018 година настапила застареност на кривичното дело, поради телефонскиот разговор што го направил Груевски на 26.02.2012 година.

Во жалбата е посочено дека пресудата е нејасна и противречна поради што се бара укинување на пресудата од првостепениот суд.