Македонија
19. јуни 2016 - 21:25

Груевски: СЈО стана коалициски партнер на СДСМ

Не сакам ова да прозвучи дека ние сме и секогаш сме биле идеални и непогрешливи. И дека некогаш со некои чекори не сме го разочарале барем дел од народот, а понекогаш и мнозинството. Сите ние сме пред се луѓе, луѓе кои многу работат, но и грешат. И нема таков кој работи и не греши. И дај боже кога некогаш пак СДСМ ќе дојде на власт, независно дали со народна или странска подршка, да работи многу, да работи барем половина од нас, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање.

За жал, нагласи Груевски, во периодот кога тие беа во власта и во минатото и неодамна кога добија два министри и три дополнителни заменици, не видовме дека нешто работеа и создадоа, не видовме дека решија некои или некому проблеми. Фокусирани сами на себе, и со деструктивна матрица да ни наштетат нам, а не гледаат дека при тоа наштетување нам, и штетат и на Македонија и на народот. И не гледаат дека тоа дополнително ја зацврстува нивната лоша позиција кај тој народ.

-Еве, сега пак се надеваат преку деструктивни сценарија и на сила да дојдат на власт. Сите знаеме што се не направија минатата година. На какво дереџе ја донесоа државата, барајќи предвремени избори, и мислејки дека ако некој од надвор заради некој негов интерес им овозможил креирани матерјали заради заматување на умот на народот, дека со таква измама ќе го превземат управувањето на државата. Но, народот препозна се, ја препозна играта, и не им ја довери довербата. Со обзир дека во денешно време постојат современи методи и истражувања за проценка на довербата на граѓаните кон политичките партии и политичари, кога видоа дека не успееја, пак, и пак не сами, направија куп проблеми за да ги одложат од нив бараните предвремени избори. И што сега? Програма немаат, идеи уште помалку. Чекаат да им кажат, како понатаму, и чекаат СЈО преку непрофесионално и партиски мотивирано работење, да го смени мислењето на народот, рече Груевски.

Како што кажа еден лидер на партија пред некој ден, нагласи Груевски, СЈО стана коалициски партнер на СДСМ.

-Откако видоа дека СЈО не им е доволно, удрија да вршат притисок врз судот. Сега новата стратегија е да се изврши притисок на судиите. Им се закануваат јавно, и тоа директно претседателот на СДСМ во негова јавна изјава дека кога ќе дошле на власт ќе ги сменеле сите судии, и за нив неподобните ќе ги остранеле. Замислете, луѓето чија главна кампања е слобода и демократија, одат со отворена закана на судството. На НВО и нивните подржувачи тоа ниту им пречи, ниту имаат реакција. Потоа, излегува портпаролот на СДСМ и објавува дека против судиите кои не суделе по нивни терк ќе започнеле кривична постапка. Замислете, кривична постапка за став на судија. Никогаш тоа не се случило. И повторно молк од НВО, но и од преставниците на меѓународната заедница. Кога ова го прави СДСМ, тоа е демократија. Ако пола од ова го правеше ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе беше тоталитаризам и режим, рече Груевски

Како резултат на тоа, нагласи Груевски, и на извршениот притисок пред некој ден издејствуваа домашен притвор за човекот кој најревносно и чесно, трипати изгласан од народот, работеше како градоначалник,  и од кога почна политичката хајка против него се јавуваше на секој повик од било која институција, градоначалникот Владе Талевски, за да не избегал од земјата.

-А за тој кој јавно кажуваше дека не им доаѓа на рочишта на судиите, за кој деновиве излегуваат сознанија дека во истиот сегмент на превозот правел вистински манипулации и незаконско и криминално работење, за Заев немаат барање за притвор. Замислете Владе да објавеше дека не го признава судот, или дека нема да доаѓа на рочишта, или да плаќал превоз, а превоз воопшто да немало. Незнаејки како уште повеќе да го притискаат судот, партиско мотивираното водство во СЈО почнаа да отвораат истраги за се и сешто, празни истраги без елементарен доказен матерјал. Ова е една од новите стратегии на СЈО.  Целта не е само да се компромитираат и јавно осомничат политичарите дека нешто се виновни, со самиот факт што се повикуваат во судот и се теретат,  туку и да го доведат во ситуација самиот суд, празните пријави да им ги отфрла, и по некое време да направат долга листа на отфрлени пријави, со која повторно компромитирајки го судот дека им ги отфрла сите или најголем дел од пријавите, да се обидат да му прават притисок, со цел истиот, за да не е под притисок, да почне да прифаќа истраги или обвиненија без докази, рече Груевски.

Но, одовде, од музејот на македонската борба за слобода и независност, од музејот на ВМРО и музејот на жртвите на комунизмот, од ова одбележување на основањето на ВМРО-ДПМНЕ, сакам да им порачам, рече Груевски, дека се повеќе, ова што не ги засега нив, го засега народот.

-И тоа, огромното мнозинство од народот. Она мнозинство кое не е дел од соросовите НВО и платените од нив.  Дека се губи трпението кај народот пред неправдите кои ги гледа. Дека се повеќе како претседател на ВМРО-ДПМНЕ сум под притисок на илјадници граѓани кои на различен начин ме контактираат, барајки подршка за поодлучна народна акција. Дека ако вака продолжат, колку и јас и моите соработници да сме толерантни и наколонети кон решавање на проблемите преку дијалог, и демократски методи, нема да можам да ја држам ситуацијата под контрола, дека народот врие, и дека во еден момент може да му дојде преку глава, и да влеземе во нова фаза, која нема да е добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и туѓи интереси, рече Груевски.