Македонија
17. March 2017 - 14:58

Груевски се огласи на Фејсбук: Продолжуваме да го исполнуваме ветеното за граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека дури и во овие мигови на исклучителна сложеност на работите во земјата, тие продолжуваме да работиме и да го исполнуваме ветеното за граѓаните.

-Република Македонија од својата самостојност до денес се соочува можеби со еден од најчувствителните периоди, важни за нејзиното понатамошно функционирање и постоење. Народот и сите граѓани покажуваат исклучителна зрелост и го препознаваат моментот кога треба да се одбрани суверенитетот и нејзиниот граѓански карактер. Дури и во овие мигови на исклучителна сложеност на работите ние продолжуваме да работиме и да го исполнуваме ветеното за граѓаните.

Можам да објавам дека во тек е градбата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола кој е капитален проект за илјадници граѓани и е во должина од 92 километри и вкупна вредност од 37 милиони евра. Овој гасовод ќе биде готов за околу 2 години, а во напредна фаза е и изградбата на гасоводот Штип – Неготино кој ќе биде готов до крајот на оваа година. Веќе е познато дека се работи и на гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар. Со изградбата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола ќе се обезбеди гас за илјадници домаќинства. Тоа значи заштеда на семејните буџети преку добивање на исплатлив енергенс, стимулација и можност за поголема добивка на бизнис секторот, како и корист за земјоделските оранжерии кои ќе можат да го користат гасот по поевтина цена. Меѓудругото, гасификацијата е и значаен фактор за намалување на загадувањето на воздухот.

Овој проект е од значење за сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци. Ова е проект со опиплива вредност за реалниот живот на граѓаните и на овој начин докажуваме дека решавањето на секојдневните проблеми е реперот по кој треба да се вреднува нашата работа, за сметка на наметнувањето на теми кои произведуваат поделби, конфликтност и раздор, како што тоа го прави СДСМ, теми кои се опасни за граѓанското единство. Народот е мудар и јас цврсто верувам дека сите ние ќе излеземе посилни од кризата која ни ја наметнаа. Продолжуваме непоколебливо и силно да работиме за остварување на ветеното, реализирајќи проекти за подобар живот на граѓаните, пишува Груевски на Фејсбук.