Македонија
5. October 2017 - 22:23

Груевски: СДСМ свесно оди против волјата на народот затоа што друг ги донесе на власт

Народот ќе гласа за градоначалници и советници, но ќе го каже и своето мислење за директното свесно одење спротивно на волјата на граѓаните, порача Никола Груевски на митингот на Коалицијата во Центар.

-Свесно оди спротивнона волјата на граѓаните со договорот со Бугарија. Свесно одат и со неуставните закони кои се обидуваат да ги поминат во Парламентот. Свесно одат против волјата на народот и со  договорот кој го подготвуваат со соседна Грција. Тоа го прават свесно затоа што се свесни дека не е народот тој што ги донесе на власт, друг ги донесе. Затоа кон него се сервилни, а кон народот гледаат со потценување и ја потценуваат неговата интелигенција. И за тоа ќе гласа народот на 15-ти октомври, порача Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ говореше и за штетите кои СДСМ во изминативе месеци ги нанесе на македонската економија. Потсети дека извозот е намален, намален е и БДП, се намали и индустриското производство.

-Ветуваа дека просечната плата ќе биде 500 евра. Ај што излажаа, туку просечната плата опадна и се намали. Нема еден економски индикатор кој оди во нивна полза. Сите индикатори говорат дека Македонија оди во рецесија, дека економијата тоне и дека работите одат во лош правец. Во економијата надолниот тренд не се чувствува веднаш, треба малку време. 172 милиони евра се намалија девизните резерви. Во наше време 10 % од тоа да се намалеше, ќе направеа драма. Сега молчат, но народот гласајќи за Трајановски и Јовановски истовремено ќе гласа и за колапсот на економијата, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во новата ера ќе бидат отворени 150.000 работни места, невработеноста ќе се намали на под 10 %, граѓаните ќе гласаат за намалување на сиромаштијата за ¾, преполовување на невработеноста кај младите и за 2,5 пати зголемување на просечниот приход по глава на жител во Македонија.

-На крајот на 2006-та година кога дојдовме на власт во Центар имало 10.500 невработени луѓе во цела општина. На крајот на 2016-та има 3.180 невработени. Новата ера е намалување на невработеноста и отворање на нови работни места, истакна Груевски.