Македонија
16. January 2016 - 11:23

Груевски: Само Заев се обидува да ја продлабочи кризата во Македонија

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски синоќа нагласи дека на средбата три од партиите биле за да се договорат сите детали за целосно исполнување на договорот од Пржино и за одржување на предвремени парламентарни избори на веќе договорениот датум – 24 април, а само една партија, односно еден човек дошол со намера да се одложат изборите.
 
Прецизира дека не било прифатено од другите три политички партии барањето за одложување на изборите и додаде дека од утре ќе прават пошироки партиски и општествени консултации за тоа кои ќе бидат нивните следни чекори.
 
– Комесарот Хан на денешните состаноци јасно ни кажа дека претседателот на ДИК го известил дека  не постојат никакви пречки за одржување на изборите на 24 април. Исто така, не информираше дека од ОБСЕ го известиле дека не постојат пречки за одржување на изборите на 24 април. ОДИХР исто го информирале дека нема пречки и дека има време се да се подготви за изборите да се одржат на 24 април. Само еден човек се обидува да ја продолжи кризата во Република Македонија и да ја продлабочи затоа што со неговото однесување не само што не може да се реши, туку може да се продлабочи кризата, изјави Груевски.
 
Тој човек, нагласи, дојде на преговорите со барање и инсистирање да се одложат изборите.
 
-Не се зборуваше за никави детали околу изборите, а не се зборуваше ни за Законот за медиуми, ниту, пак, за методологијата  за прочистување на избирачките списоци, бидејќи Зоран Заев не сакаше за тоа да се зборува. Тој инсистираше да се прифати од страна на сите политички партии дека е добро да се одложат изборите. Ни потроши повеќе од 12 часови за цело  време да бара, да моли, да убедува и да инсистира да нема избори на 24 април, посочи Груевски.
 
Рече дека им е јасно оти тоа го прави зошто ќе ги изгуби изборите и додаде дека тоа е неприфатливо и крајно неодговорно однесување.
 
– Со потезите што ги прави тој всушност сака да ја внесе државата  во уште поголема политичка криза и проблеми и да имаме продолжена агонија која не е од интерес на никого во Република Македонија. Неговите зборови денеска беа поврзани само со одложување на изборите на 24 април без никакви сериозни аргументи. Тој знае дека методологијата за избирачките списоци и самото нивно прочистување е работа која може да се заврши за неколку дена, а добро знае и дека она што го бара во Законот за медиуми го нема никаде во Европа и дека тоа не може да му биде поддржано од никого. Но, го бара со цел да има причина да ги одложи изборите, бидејќи само во криза е актуелен и верува дека тоа ќе му донесе политички поени, но само губи политички поени и неговата поддршка од народот секојдневно опаѓа, потенцира синоќа Груевски.
 
Сега се знае, додаде, дека за свои лични интереси Заев се обидува да ја продолжи кризата на сите граѓани во Македонија и сите да страдаат заради тоа што тој има некаков личен интерес.