Македонија
12. January 2016 - 0:21

Груевски: САД останува стратегиски партнер на Македонија

Премиерот Никола Груевски доцна вечерва по македонско време, во Вашингтон оствари средба со потпретседателот на САД Џо Бајден. 

- Со господинот Бајден имавме одлична и пријателска средба. Од последното гледање до сега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи и за предизвиците, изјави Груевски по средбата.

Америка е партнер на Македонија. Со неа, како што нагласи Груевски, потпишавме Декларација за стратегиско партнерство во 2008 година, а во многу работи од САД имаме и сериозна поддршка.

Премиерот Груевски и потпретседателот Бајден на средбата зборувале за повеќе теми.

- Зборувавме за политичкиот договор, зборувавме за реформите во повеќе сфери, зборувавме за економијата и економската соработка, зборувавме за безбедносните предизвици, но зборувавме и за членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина со Америка, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ и нивната поддршка на тој правец ќе биде многу значајна за нас во иднина, подвлече Груевски.

Премиерот Никола Груевски пред средбата со Бајден, имаше средби и со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот, како и со Ален Берсин, помошник секретар за национална безбедност.