Македонија
4. November 2016 - 19:26

Груевски : Реконструкција на повеќе постоечки и изградба на нови здравствени капацитети низ земјатава

Комплетна реконструкција на ГОБ 8 септември најави претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски како дел од програмата на партијата во следните 4 години. Болницата која е изградена пред 45 години темелно ќе биде реновирана и од надвор и внатре.

- Реконструкцијата ќе опфати комплетно реновирање на фасадата и замена на сите прозорци во установата, реновирање на операционите сали и одделот за интензивна нега, реновирање на амбулантите, како и изградба на дополнителни амбуланти согласно потребите и динамиката на амбулантски прегледи кои секојдневно се реализираат во оваа јавна здравствена установа.Инвестицијата за оваа болница е во износ од 260.000.000 денари. Во однос на бенефитот од овој проект, сакам да потенцирам дека во континуитет се зголемува бројот на услуги што ги обезбедува ГОБ „8-ми Септември“.  Во изминатите неколку  години за над 200 проценти е зголемен бројот на амбулантски прегледи, изјави Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

 

Груевски како проект на партијата најави и проширување и унапредување на условите во Клиниката за Онкологија со што треба да се подобри третманот на пациентите со малигни заболувања и да се воведат нови содржини во лекувањето на болните. Подобри услови за работа ќе добие и медицинскиот кадар од Клиниката. Инвестиција ќе изнесува 20 милиони денари, а проектот треба да се реализира во текот на 2018 година.

претседателот на ВМРО ДПМНЕ најави комплетно реновирање и на Клиниката за инфективни болести, изградена пред повеќе од 30 години.

- Ќе биде даден посебен фокус на поставување на автоматски систем за повик на пациент во амбулантите, поставување систем за компримиран воздух и вакум до секоја соба за пациенти, како и реновирање на стационарот и амбулантите. Нашата тенденција е постојано унапредување на условите за лекување на пациентите со инфективни заболувања, и за таа цел ќе инвестираме 200 милиони денари само за градежните работи на оваа Клиника, изјави Груевски.

Груевски потенцираше дека проектите на партијата не се само во главниот град, туку најави реновирање и на Клиничката болница  во Битола, Психијатриската болница во Демир Хисар и реализација на втората фаза од целосната реконструкција и адаптација на објектот на Општата болница во Кичево.

- Ова ќе биде значителен инвестициски циклус во македонското здравство. Ова ќе биде инвестициски бран кој треба да надохнади многу од она што со децении било пропуштено или воопшто не било реализирано до крај. По многу години и децении имаме ситуација каде се градат болници, се создаваат нови одделенија, и се купуваат нови апарати и опрема, се врши специјализација во области кои претходно не беа никогаш во фокусот. Таквите инвестиции ќе значат заштита на здравјето на граѓаните.  Со ова ќе се отиде значителен чекор понапред во условите и начинот на практикување на здравството. Нашата цел е да решиме што е можно повеќе проблеми и да придонесеме за подобар и подостоинствен живот. Од нас нема да слушнете празни зборови, обвинувања и клевети, затоа што тоа не е наша одлика, туку конкретни и издржани дела. Затоа што ние имаме образ и знаеме како преку многу работа, труд и посветеност да создадеме дела. Ние и така ќе продолжиме, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

Претходходно беше најавено дека е распишан тендерот за изградба на Клиничкиот центар Мајка Тереза, изградба на нов Ургентен центар во Куманово, нова Клиничка болница во Штип, а во тек се градежни активности во болницата во Струмица и свети еразмо во Охрид.