Бизнис
8. January 2016 - 15:07

Груевски: Растот на извозот покажува дека економијата се движи во добар правец

Премиерот Никола Груевски очекува годинава да продолжи растот на извозот со исто или поголемо темпо од минатогодишното  кога беше забележан раст од 11 проценти.

Според него, растот на извозот покажува дека економијата се движи во добар правец, а Владата, како што нагласи, продолжува со поддршка на стопанството.

- Растот на извозот од 11 проценти за првите 11 месеци од минатата година е сериозен, а комбинирано со растот на индустриското производство говорат дека економијата задржува позитивен правец. Зголемениот извоз е резултат на зголемена економска активност на компаниите, а тука мошне значаен удел имаат и странските компании. Само во технолошко-индустриските развојни зони растот на извозот за минатата година споредено со годината пред тоа изнесува цели 26 отсто  или 1,5 милијарди евра, рече Груевски во одговор на прашање по увидот на градежните работи на наплатната рампа Романовце за реализација на проектот за инсталација на опрема со која ќе се овозможи електронска наплата на патарините.

Посочи дека Владата ќе продолжи со поддршка на стопанството и релаксирање на бизнис климата. 

- Со доѓањето на новите компании, но и со добрите услови за домашните компании што се даваа, се даваат и ќе се даваат, и понатаму се нуди сериозен потенцијал на нашите компании да прават големи профити и нив да ги инвестираат во нови работни места, нови капацитети и зголемување на извозот, потенцира Груевски.