Бизнис
6. December 2015 - 16:11

Груевски: Преку проектот „Македонија вработува“ досега вработени 10.100 лица

Преку проектот „Македонија вработува“ досега се вработени 10.100 лица. Проектот се покажа како одличен, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

- Многу сум задоволен од овој проект. Нашата цел е да се зголеми бројот на вработувања. Работите се движат во добра насока, односно 6.750 фирми имаат вработено со овој проект вкупно 10.100 лица. Бројката расте секој ден, луѓето ги користат и доаѓаат до свое вработување, а значајно е што и компаниите добиваат многу затоа што има многу поволности за компаниите кои што вработуваат преку овој проект, изјави Груевски по отпочнувањето со изградба на логистичко – дистрибутивниот центар „Тинекс“ во индустриската зона Чојлија.

Тој потсети дека станува збор за вработување на лица кои се од различни ранливи категории или млади лица, стечајци, бранители, самохрани родители, деца без родители, еднородителски семејства, лица на возраст над 50 години и над 58 години со посебни поволности, лица кои над 10 години немале вработувања...

Според него, се работи за крупен проект од кој корист имаат невработените, компаниите и државата.

- Се работи за еден исклучително значаен проект со многу димензии. Има силна социјална димензија за намалување на невработеноста. Верувам дека ќе се одрази врз намалување на невработеноста. Има силна димензија и за поддршка на компаниите кои стануваат поконкурентни бидејќи имаат пониски трошоци за вработувањата, изземање на разни давачки кои треба да ги плаќаат во одреден период, оцени премиерот Груевски.