Македонија
16. March 2018 - 15:10

Груевски: Предметите на СЈО се дел од политичкиот прогон кон мене

Одбраната на обвинетите во предметот Т.НТ. на Специјалното јавно обвинителство за уривањето на комплексот „Космос“ на денешното продолжение на судењето во Кривичниот суд побара да им се даде дополнително време за воведни говори, бидејќи имало дополнителни докази од СЈО, кои обвинетите, како што велат, доцна ги добиле.

Судијата го одобри барањето при што адвокатот на Никола Груевски и Миле Јанакиески рече дека ќе докаже оти обвинетите не преземале никакви дејствија за рушење на „Космос“ и оти функциите премиер и министер за транспорт и врски не се позиции за моќ, туку позиции на овластени службени лица.

Груевски пак во својот воведен говор пред Судот рече дека СЈО кон него води политички прогон и оти е убеден дека инвеститорот Фиат Цановски свесно влегол во незаконска дивоградба. Укажа дека во неговото работење имал поголем број коалициски партнери, но, како што нагласи, по престанокот на таквата соработка никому не се осветил со нешто што е фабрикувано или непостоечко. Поранешниот премиер Гуревски потенцираше дека не е точно дека тој и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски му се заканувале на Цановски или на неговото семејство.

Груевски повтори дека сите предмети од СЈО се дел од политичкиот прогон кон него за да му се наруши угледот и да се сруши политичката партија која тој ја водел, а се со цел да се редефинира на државата.

Поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски рече дека е  видливо и оти лесно се покажува нивното законско постапување и, како што додаде, ќе докажат дека инвеститорот се што градел, градел со умисла за поголема финансиска корист. 

Миле Јанакиески посочи дека од увидот на списите и ЦД-то ќе докажат оти станува збор за класичен пример на дивоградба и оти е прекршен Законот за градба.

- Лесно ќе ја докажеме дивоградбата затоа што постојат многу докази во наша корист. Ќе докажеме дека од сите докази на Специјалното јавно обвинителство кои се на 2.500 страници, има само еден доказ во корист на СЈО, посочи Јанакиески, дополнувајќи дека ќе докаже оти инвеститорот барал политичка заштита за да направи кривично дело.

Предметот Т.Н.Т се однесува  на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски и за него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.На денешното рочоште присуствуваат сите обвинети - поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Обвинетите на претходното рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Тие требаше да извршат увид во доказите на СЈО, односно на 26 аудиоснимки од телефонски разговори, 50 СМС-пораки и едно вештачење.

Рочиштето продолжи со изнесување на доказите.