Македонија
2. October 2015 - 18:21

Груевски: Правиме се што можеме да им помогнеме на мигрантите, но овој проблем бара посилен ангажман на ЕУ

Правиме се што е во наша моќ да им помогнеме на мигрантите кои поминуваат низ Македонија. Справувањето со овој проблем претпоставува посилен ангажман на Европската Унија во соработка со балканските земји, која би била од значење за засилување на соработката на конкретни нивоа, порача денеска премиерот Никола Груевски во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.

- Денес не само мојата земја, туку и Балканот а и целата Европа е соочена со илјадници бегалци, деца, жени, стари луѓе, семејства кои бегаат од крвопролевањата во нивната земја. Од почетокот на оваа година речиси 200.000 луѓе, главно Сиријци, минаа низ Република Македонија. Соседите на Сирија, на пример Либан, Турција, Јордан, се силно погодени а првите знаци на општествена тежина се чувствуваат и во балканските земји, чии што економии не може долго изолирани да се справуваат со состојбите, рече Груевски.

Но, додаде тој, ние мораме да дадеме суштина на извинувањето и жалењето за изгубените и неповратни животи, суштина преку конкретни потези и чекори.

- Од наша страна, ние ќе направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на овие луѓе кои имаат потреба, луѓе кои го бараат својот мир, својата надеж за безбедно патување, за безбеден и пристоен живот. Без разлики на економскиот и одржливиот аспект ние се трудиме да придонесеме за помош кон нив, надминувајќи и санкционирајќи одредени слабости во системот кој е поставен, но со силна посветеност да се придонесе во креирање на излезни позитивни решенија за овие лица согласно нивните потреби. Но, ние не можеме да го направиме тоа сами. Справувањето со овој проблем претпоставува посилен ангажман на Европската Унија во соработка со балканските земји, која би била од значење за засилување на соработката на конкретни нивоа. На тој начин, од овој предизвик ќе се извлечат позитивни ефекти кои покрај помагање на лицата во несреќа, ќе значат и конкретно унапредување на стандардите во балканските земји, и имплементација на европските вредности и пристапи кај земјите аспиранти за членство. Низ соработка до решенија, истакна македонскиот премиер.

- Според него, единствениот начин да се реши бегалската криза е Европа итно да се сврти кон главната причина за нивното страдање – во случајов сирискиот конфликт.

- Решението е во изборот, а никако проблемот не смее да се лоцира на места кои се само рефлекс офносно ефект од вистинската негова причина. Постојните разлики околу решението мора да се стават настрана. Потребна ни е обединетост, заедничка позиција на Обединетите нации, на Советот за безбедност, како во примерот со позитивниот резултат со спогодбата за елиминација на хемиското оружје во Сирија, ситуацијата каде дипломатијата оствари силна победа, истакна македонскиот премиер во обраќањето во ОН.