Македонија
1. October 2017 - 21:44

Груевски: Помрачувањето ќе се тргне на 15 октомври

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Груевски на вечерашниот митинг во Свети Николе истакна дека народот може да го спореди времето кога тие биле на власт со сегашното владеење на новата власт која, како што рече, работи спротивно на волјата на народот. Тоа, според него, се гледа во штетниот договор со Бугарија, обидите да се донесат неуставни закони и обидите во Македонија да се доселат 150.000 мигранти.

- Ова време на помрачување се виде многу брзо преку нивните лаги и манипулации кога пред изборите зборуваа дека секој ќе има 500 евра просечна плата. Ветија дека ќе ги зголемат платите и пензиите, па не ги зголемија... Сведоци сме на пад на индустријата, на пад на девизните резерви, на застанување на сите покрупни градежни проекти, измами кај земјоделците…, истакна  Груевски. 

Рече дека по 15 октомври помрачувањето ќе се тргне и ќе дојде нова ера. Најави голем прогрес во делот на обезбедување домови, особено за младите лица преку кофинансирање од владата, меки кредити и обезбедување на локации за секој млад човек да може со помош на државата да си изгради сопствен дом.

Груевски Свети Николе

- Ветуваме нови 150.000 работни места до крајот на следната декада. Се трудиме ветувањето да е поскромно, за да можеме подоцна и да изненадиме со повеќе. Предвидуваме невработеноста да падне под 10 прпценти. Таргет ни е до крајот на следната декада да достигнеме над 12.000 долари по глава на жител просечна годишна заработка. Тоа ќе се оствари преку раст на БДП од 4 отсто и повеќе, а сиромаштијата ќе се намали за три четвртини Невработеноста кај младите ќе се преполови, рече Груевски на митингот во Свети Николе. 

Кандидатот за градоначалник на оваа општина од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ Зоран Тасев истакна дека народот со својот глас ќе ја спаси Македонија и дека избори се добиваат само со работа и со проекти. Наброја некои од најважните проекти кои биле реализирани во неговиот мандат.

Свети Николе ВМРО-ДПМНЕ

- Со мојот тим реализиравме значајни проекти за општината. Проекти коишто ги гледаат граѓаните, кои се овде, во овој отчет. Тој многу ги уплаши, а знаете зошто? Затоа што е вистинит. Затоа што има над 150 реализирани проекти, рече Тасев, најавувајќи дека во новата програма предвидено е да се инвестира во сите населени места во општината, реконструкции на улиците и инвестирање во спортот.