Македонија
10. October 2016 - 19:26

Груевски: Парични награди за учениците и наставниците учесници на олимпијади

Секој ученик кој ќе освои прва, втора или трета награда на меѓународна научна оломпијада ќе добие финансиска поддршка од државата во период од една година, информира денеска лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарски прашања по официјалниот почеток со работа на германската компанија Костал, Груевски појасни дека парична награда ќе добие и наставникот кој го водел по предметот по кој се натпреварувал.

- За освоено прво место се доделуваат 12 илјади денари месечно во период од една година, за второ место десет илјади и за трето место осум илјади денари за ученикот што ја освоил наградата и за неговиот наставник што го подготвувал, работел со него и е од предметот што му го предавал. Има поттик и за учениците и за наставниците и тоа не мал, туку поттик од цела година што е доволен период да се подговувува за наредната олимпијада, па ако повторно освојат награда ќе можат да продолжат да ги добиваат средствата и понатаму, изјави Груевски.

Овој проект, појасни тој, е еден од 40-те што беа ветени за младите оваа пролет и требаше да бидат дел од предизборната програма на ВМРО – ДПМНЕ, но, како што нагласи, дел од нив веќе се реализираат иако беа најавени за после изборите, а некои се во фаза на подготовка.

- Сите работи што требаше да се завршат во врска со овој проект се завршени и Министерството за образование и наука минатата недела објави конкурс, кој ќе трае до 2017 година и ќе може да се пријават сите што освоиле награди во овој период на една од 13-те меѓународно признаени олимпијади, истакна Груевски.