Македонија
28. September 2017 - 20:35

Груевски: Оваа влада оди директно против волјата на народот, затоа што не чувствуваат дека тој народ ги донел на власт

-Оваа влада оди директно против волјата на граѓаните, затоа што тие не чувствуваат дека тој народ ги донел на власт, затоа што тие ги изгубија изборите и влегоа во владата на друг начин и не се чувствуваат ниту должни ниту благодарни кон народот. Но на 15 октомври овој народ ќе им покаже дека оваа држава е држава на народот и дека секој кој што работи спротивно на законот ќе биде казнет и подоцна елиминиран од политичката сцена, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во Вевчани.

-15 октомври ќе биде денот кога овој народ ќе го каже своето мислење и за договорот со Бугарија и за носењето мигранти и за незаконското работење и за насилничкото вршење притисок врз медиумите, врз судовите, администрацијата и врз странските инвеститори кои што отвораат нови работни места, но и против хајките и прогоните врз политичките опоненти. Тука спаѓаат и некомпетентните луѓе и кадри кои што ги поставија на значајни позиции, а 15 октомври ќе биде одговор на народот за ова што се случува овие четири месеци и за ова помрачување.

Тој истакна дека на овој ден граѓаните на Вевчани масовно ќе излезат и ќе го поддржат Цветомир Угриновски и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Тој додаде и дека народот ќе гласа за овој тим за кои што направил многу за Вевчани во овие четири години.