Македонија
25. October 2017 - 21:41

Груевски: Обезбедување работа и квалитетен живот во Македонска Каменица

Во 2006 година кога дојдовме на власт во Македонска Каменица работеа околу 800 луѓе, а на крајот на 2016 година овој град има 1.800 вработени, што значи зголемување на вработеноста за 120 проценти, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Македонска Каменица.

Според него, по победата на овие избори за учениците од прво до петто одделение ќе се обезбеди бесплатен здрав оброк што ќе го финансира општината и на тој начин родителите ќе имаат и здрава харана и растеретување буџетот.

- Вака се работи, а не продавање ветер и магла и ветување воздух или живот. Обезбедување работа, квалитетен живот, плата како и услови за живеење и развој за семејството, рече Груевски. 

Според него, кандидатот за градоначалник на Македонска Каменица Дарко Митевски е човек кој знае да работи, кој е проверен и докажан. 

Груевски истакна дека Митевски во последниве години направил многу проекти за граѓаните, со што стопроцентно ја исполнил програмата, и е човек кој ја сака општината.

- Со негова соработка се издејствува концесиите од рудникот да доаѓаат во буџетот на општината и со тие пари да се инвестира за поквалитетен живот тука за вас. Навистина, кој било експеримент ќе биде лош затоа што имате таков солиден градоначалник што каква било друга одлука ќе биде голема грешка и непоправлива понатаму, им порача Груевски на граѓаните на Македонска Каменица.

Посочи дека општината ќе овозможи укинување или намалување на трошоците за комуналии и за градење куќи, целосно отпишување на долговите за комуналии за социјално ранливите категории заклучно со септември 2017, изградба на нови градски локални улици и реконструкции на постоечките улици, пречистителна станица на Каменичка Река и нови водоснабдителни системи во руралните средини. 

Најави и реконструкција на училиштето „Свети Кирил и Методиј“ и отворање нова детска градинка, како и комплетна реконструкција на „Домот на рудари“ и негова адаптација во мултифункционален објект. Во проектите ги посочи и изградба на рурална развојна зона за помош на повозрасни лица кои сакаат да отворат бизнис во руралните подрачја.

Според Груевски првиот круг од изборите бил одбележан со застрашување на граѓаните, а имало и поткупи. 

- Погледнете како овие пет месеци додека се на власт повеќе нема проекти, не се зборува за економски достигнувања или за некои нови инвестиции. Нема веќе нови спортски сали, нема нови училишта, нема фабрики, нема водоводи, нема нови канализациски мрежи, рече Груевски. 

Груевски М Каменица

Митевски од своја страна порача дека ВМРО-ДПМНЕ мора да победи на 29 октомври на локалните избори, за да се продолжи успешната приказна за Македонска Каменица. Тој им се заблагодари на сите оние кои гласале за него и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ