Бизнис
3. December 2015 - 18:18

Груевски: Новиот оглас за распределба на државно земјоделско земјиште можност за нови вработувања

Новиот оглас за распределба на државно земјоделско земјиште кој е распишан денеска отвора можност за нови вработувања, за самовработувања, но и за домашни и странски компании да отпочнат производство на земјоделски производи или да отворат капацитети за нивна преработка поради големината на парцелите,  изјави денеска  во Виница премиерот Никола Груевски.

- Нов оглас за распределба на државно земјоделско земјиште е објавен денеска. Објавени се три огласи. Првите два се за капацитети за преработка на земјоделски производи, а третиот е за земјоделско производоство по избор на оној кој ќе ја земе земјата.  Сите парцели ќе бидат над три хектари, што е можност за посериозно производство и ќе има јавна лицитација за оние кои ќе сакаат да конкурираат за земање на тоа земјиште. Тука има голем потенцијал и за многу вработувања и за зголемување на извозот и за самовработување, така што очекувам да има голем интерес, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека огласено е  ржавно земјиште во повеќе региони, во Куманово, во штипско - светиниколскиот регион, каде е и Џумајлија, ги има во ресенскиот регион и други региони низ Македонија.

Премиерот Груевски притоа упати повик до сите домашни, но и индивидуални странски компании кои се заинтересирани за земање под закуп земјоделско земјиште заради земјоделско производство  или отворање капацитети за преработка на земјоделски производи да се јават на огласот.