Македонија
28. October 2015 - 19:08

Груевски: Наш интерес и интерес на државата е да се спроведе договорот од Пржино

Наш интерес и интерес на државата е да се спроведе договорот од Пржино и ние сме посветени тоа да се случи што е можно побрзо, изјави премиерот Никола Груевски.

- Сакам да потврдам дека работните групи се во постојана комуникација со олеснувачот. Наш интерес и интерес на државата е да има спроведување на договорот и ние сме многу посветени на тоа колку што е можно побргу да се случи, изјави премиерот Никола Груевски.

Во однос на вчера изнесените ставови на амбасадорите,  Груевски истакна дека го поздравува нивниот ангажман, за помагање и олеснување на преговорите.

Премиерот укажа и дека неговиот коментар на Твитер за тоа дека народот ќе одлучи на избори не е ништо друго, туку потврда на тоа што е реалност кога доаѓаат изборите. 

- На изборите одлучуваат граѓаните, рече Груевски дополнувајќи дека неговиот коментар воопшто не е во колизија по напорите што ги прават претставниците на меѓународната заедница да и помогнат на Македонија за побрзо да се надмине сегашната ситуаициа во преговорите.

За преговорите на работните групи, Груевски рече дека ќе се изјаснат на преговарачката маса  и најави дека сите нивни ставови ќе ги објаснат кога ќе завршат преговорите.

Премиерот ги негираше  шпекулациите за наводно организирање јавни собири од страна на ВМРО-ДПМНЕ.